Општина Куманово, под водство на Максим Димитриевски, постојано е во центарот ама со скандали, со индиции за судир на интереси и можен коруптивен договорен систем за испумпување на парите на граѓаните. Општината скллучила договори за изведба на градежни работи со фирмата РМК ГРАДБА АС Дооел Скопје, во сопственост на Рафис Камберовски. Истовремено, надзор над тие исти проекти го вршела фирмата АК ИНЖЕНЕРИ ДООЕЛ од Цветово, во сопственост на Муарем Камберовски. Двајцата Камберовски се блиски роднини, обвини денеска Марина Манојловска – претседателка на Форум на Жени на СДСМ Куманово.
Претставничката на СДСМ констатира дека „едниот роднина Камберовски гради, додека другиот роднина Камберовски демек го контролира“.
-Па кај го има ова? Во Куманово, со Максим Димитриевски. Ова ли е начинот на кој градоначалникот Димитриевски ја разбира „чесната и домаќинска“ работа? Прашањето е кој е интересот на Максим Димитриевски? Дали зад доделувањето на тендери на роднини во суштина се крие бизнис интерес на Димитриевски, рече Манојловска.
СДСМ го повикува Државниот завод за ревизија, Државната комисија за спречување на корупција, како и Јавното обвинителство, итно да се вклучат и да ги испитаат сите сомнежи за коруптивно однесување во овој случај.
-Граѓаните на Куманово заслужуваат одговори. Заслужуваат транспарентна, отчетна и одговорна локална власт. А не власт која ја движи само бизнис интересот на градоначалникот. СДСМ ќе продолжи гласно да укажува на секој обид за злоупотреба и ќе се бори за одговорност. А одговорност ќе има, кажа Манојловска.