Фискалниот совет предлага покачување на старосната граница за пензија на 67 години

од Nikola Popovski
74 прегледи

Фискалниот совет, државна институција чиј основач е Собранието, по однос на Фискалната стратегија (2025-2029) до законодавниот дом достави мислење со кое бара во 2026 година да се зголеми старосната граница за одење во пензија. За стратегијата што ја усвои владејачкото мнозинство стои препорака, старосната граница за остварување на право за пензија на мажи и жени да се помести на 67 години.

За ваквите најави реагираа од партијата Левица. Велат дека доколку власта посегне по ваква пензиска политика, неминовно од македонските работници ќе создаде слуги и го повикуваат Фискалниот совет да го преиспита своето мислење.

-Оттука, ја предупредуваме оваа, како и секоја идна Влада да не си игра со маката на работниот народ. Доколку сакаат интервенираат во ФПИОМ, тогаш нека почнат од нивните функционери кои го доведоа во ваква состојба! Повикуваме, Фискалниот совет да ги преиспита своите мислења. Потребно е спроведување стратешки политики во реалниот сектор кои ја подобруваат положбата на работниците, во спротивно бранот на иселување на млада и стручна работна сила нема да биде спречен, а со тоа нема да се спречи и намалувањето на придонесот во ФПИОМ, порачаа од партијата на Димитар Апасиев.

Формирањето на фискалниот совет е предвидено за Законот за буџети од 2022 година (Службен весник бр. 203/2022), член 11. Членовите на Фискалниот совет се избрани на пленарна седница во Собрание на 19 септември 2023 година, а нивната конститутивна седница ја одржаа на 10 октомври 2023 година на која за претседател го избраа професорот Глигор Бишев. Покрај него, членови на Советот се и академик Абдулменаф Беџети и професорката од Економски факултет, Мирјана Трпеска.

Слични содржини