Фити за „Локално“: Во МАНУ има четворица академици од албанска националност, идејата на ВЛЕН е небулозна

од Nikola Popovski
981 прегледи

Ова е апсурдна идеја. Во ниту една современа земја, нема две национални академии. Постои само една која што е репрезент на научната мисла на конкретната земја. Тоа е небулозна идеја, вели за „Локално“ академик Таки Фити по најавите и барањето на коалицијата ВЛЕН за формирање на албанска Академија на науките и уметностите, паралелна со МАНУ.

Фити е дециден дека академија не може да се формира врз основа на етички принципи.

-Битна е науката и придонесот на потенцијалните членови на академијата во соодветната област. Во МАНУ се избираат академици врз база на вонредно-строги критериуми. Претпоследниот циклус на избори во Академијата беа дополнително засилени и така ќе остане. Академијата е национална, но тоа не значи само на Македонците, туку на сите други етникуми во Македонија. И порано и сега, имало академци кои биле високо почитувани со различна етничка припадност. Имало и Власи, Турци, Албанци, дури има и една Полјачка. Денес во Академијата имаме четири членови од албанска националност, од кои двајца се активни и работат. Академиците Беџети и Абази како редовни членови, додека како дописен член е академик Зеќири, истакнува Фити, потсетувајќи се и на Луан Старова кој почина во 2022 година.

-Вие знаете кој беше Луан Старова – еминентен писател, ккнижевник и писател. Не е проблем и нема да биде проблем да влезат и Албанци и Власи и Турци. Отсекогаш така било и ќе остане, категоричен е академикот.

Вели дека ги слушнал забелешките од политичките партии зошто нема ниту еден вработен Албанец.

-Луѓето ги мешаат работите. Во МАНУ, академиците нема статус на вработени, туку вработени во Академијата се административниот и техничкиот персонал во рамки на Секретаријатот и научни соработници со научни звања. Не бегаме од тоа да примиме Албанци, Власи или Турци – проблем е дали луѓето ќе се јават на конкурс. Имавме низа конкурси и ниту еден Албанец не ни се јавил, зборувам за техничкиот персонал. Ако ги исполнува условите и критериумите, сигурно ќе биде примен, нас не не интересира националност, потврдува Фити.

Академикот го повтори својот став дека е ова е небулозна идеја и ваквите најави, како што вели, немаат врска.

-Во наука не смеат да се инкорпираат етнички или политички принципи. МАНУ е независна, самостојна, највисока научна и уметничка институција – така е формирана по закон и така ќе опстои во иднина. Тука не правиме никакви компромиси, заклучува Фити.

Коалицијата „ВЛЕН“ фрли ракавица со најавата за формирање Албанска академија за науките и уметности. Не отстапуваат од решението кое беше во нивната партиска програма, но не стана дел и од владината програма. Според „ВЛЕН“, во прва фаза Академијата ќе добие поддршка од општините, а потоа и од државата, иако, вицепремиерот Меџити не ја отфрла можноста да се функционира во рамки на МАНУ, под услов, како што вели, Македонската академија на науките и уметностите да ги отвори вратите за академиците Албанци.

Политизирањето на науката може да доведе до субјективност и пристрасност во истражувањата, предупреди ВМРО-ДПМНЕ, од каде порачаа дека науката не треба да се политизира и етнизира.

„Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) е единствената институција која ја обединува македонската научна мисла и во нејзиниот состав има научници од различни етнички заедници. Како критериум за членството во Академија на науките не може да биде етничка или политичка припадност, туку научните достигнувања и придонесот во општеството. Науката не е нешто кое треба и може да се политизира и етнизира.“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијта на власт сметаат дека е добро што албанските партии во власта бараат место за Албанците во науката и посочуваат дека нашата Академија на науки треба да остане репрезентативна и престижна, базирана на заслуги и академски достигнувања.

Критика за потегот на „ВЛЕН“ стигна и од ДУИ.

-Наместо да го преземат претседавањето со Државната академија за наука и уметност, да создадат простор за повеќе академици, да гласаат за законот што го предложивме додека го блокираа со ВМРО за правична и соодветна застапеност во МАНУ, тие дојдоа до „големата општинска идеја“ што уште повеќе ги понижува Албанците, порачуваат од ДУИ.

Лидерите на „ВЛЕН“ од Тетово најавија дека ќе обезбедат општинско финансирање на здружението „Албанска академија на науките и уметностите“.

Н.П.

Слични содржини