ФИТР ќе ја предводи националната стратегија за вештачка интелигенција

од Vladimir Zorba
216 прегледи

Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) ќе ја предводи националната стратегија за вештачка интелигенција на која ја подготвува Владата на Северна Македонија.

Директорот на ФИТР, Коста Петров вели дека оваа индустрија има голем потенцијал за развој во нашата земја, но потребни се огромни финансиски средства на компаниите за да започнат.

„Со креирањето на Национална стратегија за вештачка интелигенција, ќе им дадеме шанса на многу иновативни стартап компании да ги реализираат своите идеи и проекти. Во моментов ФИТР поддржува 6 компании од областа на вештачката интелигенција и се надеваме во иднина дека бројката ќе биде поголема“, вели тој.

Вицепремиерот задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи додаде дека ФИТР ќе продолжи да биде двигател на промените во општеството и затоа ќе иницира во Владата да се креира работна група која ќе работи на Националната стратегија за вештачка интелигенција која потоа ќе влезе и во големата слика за развојот на државата, а тоа е Националната развојна стратегија 2021-2041.

„Национална стратегија ќе донесе многу придобивки за компаниите кои веќе развиваат иновации но и за сите кои сакаат да започнат да се развиваат во оваа насока. Со ова ќе овозможиме дигитална трансформација на целата индустрија, а компаниите ќе ги надминат предизвиците со кои се соочуваат“, посочува Битиќи.

Ова беше темата на последниот #FITRClassroom, организирана од страна на ФИТР. Свои размислувања и искуства на темата презентираа претставници на компании кои успешно развиваат проекти од оваа индустрија.

Слични содржини