ФИТР: Ние сме првата сертифицирана државна институција со стандард за спречување на корупција

од Nikola Popovski
236 прегледи

Фондот за иновации и технолошки развој го имплементираше ISO 37001:2017, со што станува првата државна институција сертифицирана со меѓународниот Стандард за спречување на корупција.

„Тоа има за цел континуирано и темелно спроведување на политиката на нула толеранција за мито и корупција“, нагласуваат од ФИТР.

Според вицепремиерот за борба против корупција и криминал, за одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски, борбата против корупцијата и криминалот е еден од врвните приоритети на Владата, и затоа бара вклученост од сите институции. ФИТР е позитивен пример за вклученоста на институциите во спречувањето на корупција.

„Со сертификатот се определуваат обврските и должностите на Фондот во делот на спречување корупција, одговорностите на вработените во спроведување на активности поврзани со спречување на мито и корупција и друго“, истакнал Николовски.

Воведувањето на ИСО 37001:2017 ги вклучува и вработените, нивната одговорност и работа која треба да биде посветена на јавниот интерес, како и на ангажираните лица во Фондот.

За директорот на ФИТР, Коста Петров, сертифицирањето беше спроведено на иницијатива на Фондот, а обезбедувањето на глобално призанен Стандард претставува уште една потврда за успешноста на процесите и политиките.

„Верувам дека сертификацијата ќе ја надгради довербата кон Фондот како институција која претставува значаен промотор на иновациската дејност, технолошки и економски раст и развој во државата“, рече Петров.

Слични содржини