Tретманот на пациенти болни од Ковид-19 бара мултидисциплинарен и сеопфатен пристап од првата средба со здравствениот работник, па се до неговото заминување.
Од Клиника за инфективни болести и фебрилни состојби информираат дека секој пациент добива третман соодветен на неговата здравствена состојба. Кај пациентите кои се хоспитализирани на Инфективната клиника освен терапиите против Ковид-19, неизоставен дел од лекувањето е и физикалната терапија која придонесува за подобрување на психофизичкото здравје и подобрување на функцијата на респираторниот систем.
Физикалната терапија на пациентите кои се хоспитаизирани на Клиниката за инфективни болести поради Ковид- 19 вообичаено се состои од два сегмента: физикална терапија за локомоторниот апарат и физикална терапија за респираторен систем или таканаречена респираторна гимнастика.
„Повеќе фактори влијаат врз одлуката со каков третман на физикална терапија ќе се пристапи кон пациентот. Според клиничката слика на локомоторниот апарат има три групи на пациенти – подвижни пациенти, тешко подвижни пациенти и неподвижни пациенти. Додека пак според оштетувањето на респираторниот систем предизвикано од Ковид-19, истите може да се поделат на лесно болни, средно болни и тешко болни. Согласно горенаведените поделби на пациентите и различните комбинации од клинички слики и оштетувања се комбинираат различни типови на вежби. Зависно од менувањето на состојбата на пациентот се менува и пристапот на физиотерапевтот кон пациентот. “ – објаснува Велимир Тричковски, физиотерапевт кој работи со пациентите со Ковид-19 хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби.
За да се постигне максимален ефект и да се оспособи пациентот за релативно нормално функционирање во домашни услови, интензитетот на вежбите за локомоторниот апарат последните денови од престојот на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, може да се зголеми по консултација со лекар.
Респираторната гимнастика (вежбите за дишење) се изведуваат за превентивни и тераписки цели. Кај пациентите со лесна клиничка слика се препорачува пациентите сами да ги изведуваат вежбите неколку пати во текот на денот со цел да се зајакне мускулатурата вклучена во процесот на дишење. Кај средно-тешките болни, респираторната гимнастика се изведува исклучиво под надзор на физиотерапевт за да се следи моменталната состојба на организмот (сатурација, пулс, притисок, број на респирации). Кај тешко болните пациенти коишто дишат со помош на маска за висока концентрација на кислород се советува длабоко и споро дишење, а кај пациентите кои се поставени на механичка вентилација вежбите за дишење не се изведуваат.
Поради непосредниот директен контакт физиотерапевт-пациент и создавањето на близина и чувство на сигурност, физикалната терапијата има голема улога во подобрување и одржување како на физичкото така и на менталното здравје кај пациентите.