Фјури: „Ова е последна борба во мојата кариера, се повлекувам со 150 милиони во банка“

од Vladimir Zorba
428 прегледи

Светот на боксот со нетрпение ја очекува нова борба на светскиот шампион на ВБЦ во тешка категорија Тајсон Фјури. Откако успешно ја реши трилогијата со Американецот Вајлдер, Фјури се соочува во британски судир против Дилијан Вајт на 23 април на „Вембли“.

Ова не го сакаше Фјури. Тој повеќе би сакал да боксува против Ентони Џошуа за обединување на сите титули во боксот, но тие планови досега ги спречи големиот Украинец Олександр Усик, кој моментално се наоѓа во татковината, разурната од војна.

„Џипси Кинг“ уште еднаш на прес-конференцијата во негов стил ја шокираше боксерската јавност со изјавата дека борбата со Вајт ќе му биде последна.

„Ова е последна борба во мојата кариера. После ова се пензионирам со 150 милиони долари во банка. Здрав, млад, ќе купам голема јахта во странство. Се повлекувам, завршив, тоа е мојата последна борба“, изјави познатиот боксерски дрдорко и за многумина најдобар боксер на денешницата.

На прес-конференцијата беше поканет и Дилијан Вајт, но задолжителниот предизвикувач за титулата во ВБЦ не сакаше да одговори и да се соочи со Фјури. Тој одбра друга тактика и остана да тренира во својот камп во Португалија.

„Тој денеска покажа бело знаме. Сега ми даде дополнителна самодоверба. Моја проценка е дека покажа бело знаме и се исплаши. Па секако дека не сака да се соочи со мене бидејќи ако го видеше огнот во моите очи веднаш ќе помисли „овој ќе ме скрши“, изјави Фјури во свој стил.

Поради својата позиција на официјален предизвикувач, Вајт пристигна по победата против Александар Поветкин, кој потоа се пензионираше, а деновиве повторно дојде до медиумите поради поддршката за Владимир Путин.

„Сега конечно доби шанса на најголемата сцена, против најголемиот шампион во најголемата вечер. Нема да закажам состанок, ќе ви покажам колку сум навистина добар. Го познавам Дилијан долго време, тој е тежок борец, добар е со добар план за борба“, изјави Фјури и додаде: „Тој секако е во Топ 10 борби што сум ги имал. Не знам дали ќе биде број 2 или 22, но ако не се појави сега, никогаш нема да добие признание. Или ако го нокаутирам уште на почетокот“.

Фјури мисли дека стилот на Вајт е сличен на Дерек Чисора и вели дека ќе знае како да се справи со тоа.

Слични содржини