Тоа што беше најавено пред неколку дена денес и официјално е потврдено, Чкембари за прв пат станаа дел од сопственичката структура на ФК Пелистер. Клубот доби и нови доминантни сопственици на кои им посакуваме многу среќа и умешност во управувањето на клубот, објавија од навивачката група „Чкембари“, откако денеска фудбалскиот клуб Пелистер и официјално има нов сопственик.
Сега веќе поранешниот сопственик Пеце Стојчевски ги предаде документите на компанијата „Спорт Бит“ која ќе има задача да го врати клубот на местото каде што припаѓа. За нов претседател назначен е Пеце Коруновски, кој во последните години како спортски директор на Пелистер безусловно го вложуваше сиот свој труд за доброто на фудбалскиот клуб.
Од навивачката група се надеваат дека скромните амбиции да останат дел од првата лига во иднина ќе бидат многу повисоки и дека за брзо време и Битола ќе дочека европски натпревар на Пелистер „Под Тумбе Кафе“.
Потврдено е дека 10% од акциите на клубот ќе поседуваат „Чкембари“.
„Првпат во историјата на битолскиот спорт навивачката група „Чкембари“ ги добива 10% ветените акции. Така во иднина ќе се слуша и нивниот глас во управувањето на клубот“, додаде Коруновски.