Новото засилување на Манчестер Сити, Ерлинг Халанд е „застрашувачки“ пред голот, изјави соиграчот Фил Фоден, поддржувајќи го норвешкиот напаѓач побрзо да се прилагоди на животот во Англија. Халанд, кој минатиот месец му се приклучи на клубот од Борусија Дортмунд со петгодишен договор, ги покажа своите вештини и постигна гол во победата на тимот од 1-0 над Баерн Минхен на пријателскиот натпревар претходно оваа недела.
„Тој е одлично засилување за тимот, ги засмејува сите и тој е скромен, што е најважно кога доаѓате во друг тим. Халанд сака да постигне големи работи со нас“, изјави Фоден за Sky Sports.
„Пред противничкиот гол тој е застрашувачки. Халанд доаѓа во сосема поинаква лига со многу побрз фудбал, па можеби ќе му треба малку време да се навикне. Но, сигурен сум дека кога ќе може да се прилагоди, тој ќе биде незапирлив“, додаде тој.
„Тој е многу сличен на Агуеро, Халанд исто така ги има сите квалитети на топ стрелец. Ако успеваме да му ја подаваме топката во вистинските области, тој ќе биде навистина важен за нас оваа година“, рече Фоден.
Манчестер Сити, кој во сабота ќе се соочи со победникот на ФА Купот, Ливерпул во судир во Комјунити Шилд, ја започнува одбраната на титулата во Премиер лигата на гостувањето кај Вест Хем на 7 август.