ЕУ е подготвена да ги примени своите најсилни трговски мерки и да воведе царини за американските дигитални компании, доколку во преговорите во следните 90 дена не постигне договор што би го намалил бранот царини наметнати од Доналд Трамп против Европа, изјави Урсула фон дер Лајен во интервју за „Фајненшл тајмс“.
Иако ЕУ сака „целосно избалансиран“ исход со Трамп, претседателката на Европската комисија нагласила дека подготвува и низа одмазднички мерки доколку преговорите не успеат.
Не ѕвони само телефонот на Трамп додека странските лидери од другата страна молат за трговски договор. Урсула фон дер Лајен вели дека добива исто така многу повици.
„И еве што е навистина добро: тие знаат дека ние знаеме да склопиме добри и фер договори“, изјавила претседателката на Европската комисија. „Ние сме познати по нашата предвидливост и доверливост“.
Во моментов ЕУ има договори за слободна трговија со 74 земји партнери. Американскиот претседател Доналд Трамп во последните недели предизвика глобален трговски хаос со неочекувани одлуки за воведување, зголемување и суспендирање на царините на трговските партнери.
Фон дер Лајен истакнала дека Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) сакаат да склучат трговски договор со ЕУ во рок од неколку месеци, додека преговорите се во тек со Малезија, Тајланд, Филипините, Индонезија, Индија и други земји.
„Сите тие сакаат да склучат трговски договор со нас“, додала раа. „Целта е да постигнеме повеќе трговски договори и да разбереме каде можеме да соработуваме… и да се вратиме на принципот дека трговијата е средство за просперитет.
„Толку многу земји ширум светот сакаат да соработуваат поблиску со нас, да го балансираат трговскиот систем и да имаат слободна трговија што се натпреварува по квалитет, а не по царини“, истакнала шефицата на ЕК.
Фон дер Лајен, исто така, рекла дека зголемувањето на ентузијазмот на потенцијалните партнери за склучување нови трговски договори истовремено ја зголеми политичката волја во ЕУ за постигнување на тие договори. Комисијата преговара за трговски договори со благослов на 27 земји-членки, кои мора да го одобрат секој договор врз основа на мнозинство гласови.
„Доколку гледате на среден и долг рок, ние мора да направиме се што е можно за да ја стабилизираме ситуацијата, да обезбедиме сигурност, да останеме ладни и да го искористиме моменталниот моментум“, кажала таа. „За нас е важно да ја играме долгорочната игра“.
„Диверзификацијата на нашата трговија значи отворање деловни можности за нашите компании. Тоа е клучно за нас“, додала Фон дер Лајен. „Ако се погледне глобалната трговија на ЕУ, 13 отсто од трговијата оди во САД. Тоа значи дека дури 87 отсто од трговијата доаѓа надвор од Америка“, заклучила таа.