Фон дер Лајен и Меркел: Да се надмине блокадата на Франција во ЕУ

од Aleksandar Petrovski
277 прегледи

Идната претседателка на Европската комисија Фон дер Лајен и германската канцеларка Ангела Меркел вечерва од Берлин порачаа дека на земјите од Западниот Балкан мора да им се обезбеди перспектива во ЕУ.

Како што пренесува Дојче Веле, избраната претседателка на Европската комисија Урсула фон дер Лајен најави нови специјални проекти за соработка и помош со Северна Македонија и Албанија за да се намали разочарувањето од неуспехот да се добие почеток на преговори со ЕУ. Фон дер Лајен вечерва во Берлин одржа заедничка прес-конференција со германската канцеларка Ангела Меркел на која и двете политичарки уште еднаш го потенцираа значењето на европската перспектива за земјите од Западниот Балкан.

-Цврсто сум убедена дека за нас е од големо стратегиско значење да го приближиме Западниот Балкан што поблиску до ЕУ. Се додека не можат да се отворат пристапните преговори со сите сили ќе се обидувам да развивам заеднички проекти кои по патот на потесната соработка ќе ги приврзат земјите од Западниот Балкан поблиску до нас, затоа што ако ние не го сториме тоа, некои други ќе го искористат вакумот, а тоа не го сакаме. Албанија и Северна Македонија презедоа неверојатни напори за да ги исполнат критериуми кои ние од нив ги баравме“, рече Фон дер Лајен.

И канцеларката Ангела Меркел одново ја критикуваше блокадата на Франција како грешка.

-Уште еднаш кажав дека од стратегиски европски интереси, сметам дека е од екстремна важност овие земји да не ја загубат надежта за членство во ЕУ, рече Меркел.

Изминатава недела и претседателот на германскиот Парламент, Бундестагот, Волфганг Шојбле како и шефот на дипломатијата Хајко Маас остро ја критикуваа блокадата на Северна Македонија и Албанија. Маас зборуваше за „најголемата грешка која ЕУ ја направила во последно време“.

Слични содржини