Фон дер Лајен не носи „ништо ново во актовката“: Нема сигнали од ЕУ за уставни измени по „преспанска формула“

од Nikola Popovski
306 прегледи

После речиси една година, шефицата на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен повторно доаѓа во Македонија. Овој пат за прв пат на средби со новата Влада и новата шефица на државата. Дел од аналитичарите во земјава сметаат дека европската функционерка во својата актовка не носи ништо ново, односно Фон дер Лајен ништо посебно во својата посета.

Според Димитар Николовски – извршен директор на ЕВРОТИНК, европската претставничка ќе ја повтори поддршката за нашето членство во ЕУ.

Димитар Николовски

-Исто така ќе зборува за Планот за раст и спроведување на реформските агенди за државите од Западниот Балкан. Што се однесува до промени во Преговарачката рамка, не гледаме никакви сигнали од релевантни претставници на ЕУ или држави-членки дека тие би сакале да ја менуваат или да се оди со некакви уставни измени според „преспанска формула“. Мислам дека уште еден период Владата ќе се обидува со својата креативност тоа да го промени, но не верувам дека во доследен рок тие предлози ќе бидат прифатени, истакна Николовски во разговор за „Локално“.

Од друга страна, политичкиот аналитичар и извршен директор на невладината „Пулсот на демократијата“, Енвер Салихи смета дека посетата на Фон дер Лејен е една порака дека ЕУ ја сака Македонија во нивните редови без оглед на ситуацијата што се случува и сигурно дека ќе се разговара со државниот врв за можностите за постигнување на напредок кон европскиот пат.

Енвер Салихи

-После напредокот на Албанија притисокот е многу голем и потребно е да се најде решение на ситуацијата што само високи претставници на ЕУ би можеле да излобираат наш напредок, вели Салихи за „Локално“.

Сепак, тој не верува во друг исход освен уставни измени од причина што барањата на бугарската страна веќе се влезени во Преговарачка рамка и не може да се врати назад и згора на тоа не се гледа никакво разбирање кај соседот за новите барања од Македонија.

-Мислам дека Владата сама се заглави со пароли никако Бугари во Устав што ја комплицира целата ситуација во овој момент. Не верувам дека ќе се прифатат било какви измени се до одржување на локални избори или пак не се знае и парламентарни во есента 2025, со што ќе се добие дополнителен мандат од 4 години и ќе се направат измените. Нема никакви шанси ниту магична формула, туку има рамка која мора да се исполни и доколку не се исполни ќе влијае кон евроскептицизмот во земјата и процесот кој значи многу за нашата држава, посочува соговорникот.

Премиерот Христијан Мицкоски пред неколку дена предложи да се примени формулата од Преспанскиот договор за одложено дејство и со уставните измени за вметнување на Бугарите во Уставот. Ова го кажа во неговиот говор на 20. Европски самит во Салцбург посветен на Европската Унија и реформите.

Тој додаде дека дури и да се внесат Бугарите во Уставот, никој не гарантира дека тоа ќе биде последен услов за исполнување на некоја обврска и дека за шест месеци од сега нема да се бара нешто дополнително.

Претседателката на Европската комисија денеска ќе престојува во Скопје во рамки на посетата на Западен Балкан. Фон дер Лајен, според најавите, ќе се сретне со претседателката Гордана Силјановска Давкова и со премиерот Христијан Мицкоски.

Според владиниот протокол, предвидено е Фон дер Лајен и Мицкоски да одржат заедничка прес-конференција во владиниот медиумски центар.

Претседателката на ЕК вчера беше во посета на Албанија каде се сретна со премиерот на таа земја Еди Рама. Таа во таа прилика нагласи дека членството во ЕУ зависи од напредокот на земјата кандидат на европскиот пат и затоа не може да го каже точниот датум кога Албанија ќе влезе во Унијата.

По Скопје, претседателката на Европската комисија ќе ја продолжи турнејата во Босна и Херцеговина. Како што најавија од ЕУ, Фон дер Лајен ќе ги посети и Србија и Косово.

Н.П.

Слични содржини