Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен денеска ја изразила својата солидарност и поддршка за Словенија по разорните поплави што ја погодија земјата претходните денови.
Заедно со европскиот комесар за управување со кризи, Јанез Ленарчиќ и словенечкиот премиер Роберт Голоб таа ги посетила погодените подрачја, а се очекува за време на посетата да разговараат за начините на кои Европската унија може најефективно да ја поддржи рехабилитацијата и реконструкцијата на областа и спроведување на превентивни мерки за да се спречи повторување на слична катастрофа, пренесува порталот „24 UR“.
Многу е важно што со свои очи ги видов штетите. Беше шокантно да се види тоа што го предизвикаа поплавите и одроните. Во исто време, беше прекрасно да се види солидарноста на луѓето кои си помагаа во овие тешки моменти, рекла Фон дер Лајен, пренесува порталот.
Таа додала дека ЕУ стои на страната на Словенија и дека земјата ќе има на располагање 400 милиони евра за санирање на штетите од поплавите, 100 милиони годинава и 300 милиони следната година.
Фон дер Лајен треба да се сретне со претседателката на Словенија Наташа Пирц Мусар и да им се обрати на пратениците во Националното собрание.
Како што беше претходно истакнато во Брисел, на барање на Словенија, ЕУ веднаш мобилизираше помош преку механизмот за цивилна заштита.