Фон дер Лајен остро го осуди вандализмот врз зградата на ЕК во Софија

од Nikola Popovski
54 прегледи

Европската комисија најостро ги осудува актите на насилство и вандализам против Домот на Европа во Софија, во кој се сместени Претставништвото на Комисијата и Информативната канцеларија на Европскиот парламент во Бугарија.

Ова се наведува во ставот на ЕК.

„Во демократските општества во Европската унија, слободата на протест е основно право. Сепак, таа мора да се оствари мирно и во согласност со владеењето на правото. Веруваме дека бугарските власти ќе успеат да ги изведат пред лицето на правдата одговорните за овој неприфатлив вандализам“.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен соопштила: „Ужасни сцени во Софија каде беше вандализирана зградата на ЕУ. Во Европа го користиме нашето право да демонстрираме мирно. Насилството и вандализмот никогаш не се начин“.

Протестот се одржа поради најавите на бугарската Влада за влезот на земјата во еврозоната и воведување на еврото насметка на левот. Организатор на протестот беше проруската „Преродба“. Лидерот на партијата, Костадин Костадинов ги обвини властите дека сакаат да ја внесат земјата во еврозоната иако 80 отсто од граѓаните се против.

Протестот започна пред Бугарската народна банка, каде се собрале повеќе од илјада луѓе, а потоа демонстрантите спонтано тргнале кон канцелариите на Европскиот парламент и Европската комисија, каде фрлале јајца и боја, а голем број од нив користеле и пиротехнички средства.

Демонстрантите се обиделе да ја запалат влезната врата од зградата, но пожарот набрзо бил изгаснат.

Слични содржини