Фон дер Лајен: Патот до членство во ЕУ е тежок, но придобивките се неоспорни

„Земјите што се приклучија кон ЕУ во последниот бран постигнаа неверојатен економски раст - животниот стандард се дуплираше, невработеноста речиси се преполови, просечниот животен век се зголеми за околу четири години, а создадени се шест милиони нови работни места“, истакна фон дер Лајен.

од Vladimir Zorba
18 прегледи

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изјави дека Европската Унија е мировен проект од самиот почеток, „нишката што ги поврзува земјите-членки и го води секој чекор од интеграцијата“, и нагласи дека во време на геополитичка неизвесност, проширувањето е инвестиција во заедничката безбедност и слобода.

Проширувањето, нагласи таа, е процес од важност за сите, бидејќи Европа го дели истиот континент, историја, култура и предизвици.

Во својата видео порака на отворањето на Форумот за проширување на ЕУ на Европската комисија, фон дер Лајен потсети дека ја посетила Украина на почетокот на годината, потоа Молдавија во јули и Западниот Балкан во октомври, и дека, како што изјави, сите овие посети ја исполниле со оптимизам.

„Се сретнав со граѓани, претставници на граѓанското општество, бизнис и политички лидери и ја видов нивната надеж за европска иднина“, рече таа.

Патот до членство во ЕУ, нагласи таа, е тежок и вклучува бројни реформи и хармонизација со законодавството на ЕУ, но придобивките, оцени таа, се неоспорни.

„Земјите што се приклучија кон ЕУ во последниот бран постигнаа неверојатен економски раст – животниот стандард се дуплираше, невработеноста речиси се преполови, просечниот животен век се зголеми за околу четири години, а создадени се шест милиони нови работни места“, истакна фон дер Лајен.

Претседателката на ЕК, исто така, нагласи дека слични резултати ќе следат и по следниот циклус на проширување, но дека Унијата веќе сака да пренесе дел од позитивните ефекти преку планови за раст. Земјите кандидати, изјави таа, спроведуваат клучни реформи за да обезбедат еднакви услови со единствениот пазар на ЕУ, додека Европа, пак, отвора одредени сектори на тој пазар.

Меѓу дополнителните придобивки, таа го наведе укинувањето на роамингот за повици кон ЕУ, како и пристапот до системот SEPA (Единствена европска платежна зона), кој им овозможува на компаниите да префрлаат средства од и кон земјите-членки многу поевтино, што, според неа, ќе донесе милиони заштеди.

„Гледаме силна желба кај младите луѓе во земјите кандидати, но и во земјите-членки, да живеат во единствена Европска Унија, да ги искористат можностите што ги нуди членството и да уживаат во слободите што ги носи. Тие сакаат посилна, попросперитетна и пообединета Европа“, рече Фон дер Лајен.

„Европа е повеќе од унија, таа е наш дом“, заклучи Фон дер Лајен.

Форумот за проширување на Европската Унија, насловен како „Заокружување на Унијата и зајакнување на нашата иднина“, се одржува во Брисел.

Целта на Форумот, чиј домаќин е комесарката за проширување на ЕУ, Марта Кос, е да го подигне дијалогот за проширување на повисоко ниво како заеднички политички, социјален и генерациски проект, според веб-страницата на Европската комисија.

Ова е првото издание на Форумот на Европската комисија за проширување на ЕУ, според веб-страницата на ЕК, додавајќи дека се одржува во време кога проширувањето доби нов импулс како двигател на стабилност, просперитет и демократски реформи низ целиот континент.