Владина делегација предводена од премиерот Димитар Ковачевски, утрово на платото пред Владата, со највисоки државни и воени почести ја пречека претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.
На официјалниот пречек присуствуваа и Артан Груби, прв заменик на Претседателот на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедницитa, Бојан Маричиќ, заменик на Претседателот на Владата за европски прашања, Бујар Османи, министер за надворешни работи, Благој Бочварски, министер за транспот и врски, Каја Шукова, министерка за животна средина и просторно планирање и Азир Алиу, министер за информатичко општество.
На приемот присуствуваше и евроамбасадорот во земјава, Дејвид Гир.
По завршувањето на церемонијата за пречек на која беше интонирана македонската химна и „Ода на радоста“ која е химна на ЕУ, двете делегации ќе продолжат на тет-а-тет и билатерални средби. Потоа, според агендата, следува прес-конференција на Ковачевски и Фон дер Лајен, по која ќе посетат фабрика за преработка на овошје и зеленчук во близина на Скопје, корисник на средства од ИПАРД програмата финансирана од ЕУ.
Посетата, како што е најавено, ќе ја искористи да разговара за билатералната соработка со регионалните лидери и за подетално да им го претстави Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан.
Со посетата на земјава, Фон дер Лајен ја почнува турнејата низ Западен Балкан која ќе трае во наредните неколку дена. Ќе ги посети и Србија, БиХ, Црна Гора и Косово.