Претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен, даде изјава во Брисел за европските трошоци за одбрана и сигнализираше дека Европа е подготвена силно да ги зголеми трошоците, бидејќи, како што вели, „повторно сме во ера на вооружување“.
Фон дер Лајен информира дека напишала писмо до европските лидери во кое го наведува планот од пет точки за повторно вооружување на Европа:
1. Ослободете го користењето на јавните средства за одбрана – ако земјите-членки ги зголемат трошоците за одбрана за 1,5% од БДП, вели Фон дер Лајен, ова може да создаде фискален простор од близу 650 милијарди евра во текот на четири години
2. Нов инструмент кој обезбедува заеми од 150 милијарди евра на земјите-членки за инвестиции во одбраната
3. Користење на моќта на буџетот на Европската Унија
4. Мобилизирање на приватен капитал преку Унијата за штедење и инвестиции
5. Мобилизација на приватен капитал преку Европската инвестициска банка
Фон дер Лајен вели дека плановите за зајакнување на европската одбрана и зголемување на воените капацитети би можеле да мобилизираат околу 800 милијарди евра.
„Ова е моментот во кој се наоѓа Европа и мора да живееме со него“, додава таа.
Фон дер Лајен во вторникот ги испрати своите предлози до земјите на ЕУ во специјално писмо пред самитот на ЕУ на 6 март, кој ќе биде посветен на Украина и безбедноста во Европа.
Русија смета дека испораката на оружје за Украина го попречува решавањето на кризата и директно ги вклучува земјите од НАТО во конфликтот. Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров истакна дека секој товар што содржи оружје за Украина ќе биде легитимна цел за Русија. Според него, САД и НАТО се директно вклучени во конфликтот, не само со снабдување со оружје, туку и преку обука на војници во Велика Британија, Германија, Италија и други земји.