Претседателката на Европската комисија (ЕК) Урсула фон дер Лајен ги истакна „црвените линии“ во преговорите за војната во Украина денес во Стразбур, велејќи дека ЕУ е против еднострано прекројување на границите и ограничување на украинската армија и е за финансиска поддршка за Киев со замрзнати руски средства.
„Планот на играта на Русија не се променил од почетокот на војната, таа верува дека може да ги надживее Украина, Европа и нивните сојузници, па затоа секој пат кога има вистински напредок во преговорите, таа го ескалира насилството“, изјави Фон дер Лајен пред Европскиот парламент.
„Го видовме ова и претходно, тоа е шема. Бучавата од Кремљ ги открива вистинските намери, за нив Украина останува само првиот чекор во многу поголема игра“, вели претседателката на Комисијата. Германката ги поздрави напорите на американскиот претседател Доналд Трамп за мир во Украина и истакна дека конечно започнала работата на текстот на мировните преговори, иако „сè уште е потребна многу работа“.
ЕК подготвува правен текст за користење на руските замрзнати средства за реконструкција на Украина. „Имаме почетна точка. Обединет фронт. Единствен глас“, рече таа.
Фон дер Лајен истакна неколку „црвени линии“ што ЕУ не може да ги премине во преговорите. Унијата не може да прифати ограничување на силите на Украина бидејќи тоа би ја направило ранлива на идна агресија, рече таа.
Претседателката на Комисијата нагласи дека не треба да има еднострано прекројување на границите, ниту нивни промени со сила, бидејќи ако ова се дозволи, „вратата се отвора за нови војни утре“. Таа објави дека ЕК се подготвува да презентира правен текст за користење на руските замрзнати средства за финансиска поддршка и реконструкција на Украина.
„Да бидам јасна, не гледам никакво сценарио во кој европските даночни обврзници сами ја плаќаат цената, тоа не е прифатливо“, нагласи таа. Во својот говор, германската политичарка, исто така, рече дека иднината на Украина е во Европската Унија, што не е само „прашање на судбината“, туку „клучен дел од секоја безбедносна рамка“.