Европската унија и фармацевтската компанија Фајзер постигнаа договор за измена на договорот за набавка на вакцината против Ковид-19, но деталите од договорот се кријат од очите на јавноста, пишува Политико.
Договорот е постигнат по повеќемесечни преговори и притисок од европските влади врз Брисел да го реши проблемот со огромните количини вакцини кои продолжуваат да пристигнуваат според договорите – и покрај драстичниот пад на бројот на заразени лица и интересот за вакцината.
Анексот на договорот, чие склучување беше објавено како споредна нота во соопштението на ЕК во петокот, ја намали количината на дози што ЕУ мора да ги купи, но не се знае за колкав процент станува збор. Познато е дека околу половина од првите 900 милиони дози од договорот се уште не се испорачани и дека е договорено останатите да бидат испорачани во следните четири години, наместо до крајот на 2023 година.
Недостаток на транспарентност од самиот почеток
Европската комисија не го открива новиот број дози што земјите-членки мора да ги купат, а финансиските услови од изменетиот договор, односно висината на надоместокот за секоја откажана доза, се покриени со тајност. За потсетување, оригиналниот договор беше потпишан во мај 2021 година и ја обврза ЕУ да купи 900 милиони дози вакцини од Фајзер и Бајонтек, со опција за дополнителни 900 милиони до крајот на 2023 година.
„Како големиот договор за вакцината против Ковид-19 на Фајзер со Европската комисија да е напишан со мастило што исчезнува: колку повеќе поминува времето, толку повеќе детали се чини дека исчезнуваат“, пишува Карло Мартучели, известувач за здравствена заштита на Политико во Европа.
Недостатокот на транспарентност беше основна карактеристика на оригиналниот договор за набавка на вакцини, забележува тој. Европската комисија го одби барањето на новинар за пристап до СМС пораките што шефицата на комисијата Урсула фон дер Лајен ги разменила со извршниот директор на Фајзер, Алберт Бурла – и покрај барањата за слободен пристап до информациите.
Зошто се крие ревидираниот број на дози на вакцини?
Политико пишува дека Европската комисија и понатаму го претставува договорот со фармацевтските компании како свој голем успех. Во соопштението за медиумите од минатиот петок, Комисијата наведува дека „имплементацијата на Стратегијата за вакцинација на ЕУ ги надмина сите очекувања“. Но, веста за ревидираниот договор со Фајзер, Комисијата во петокот ја „скрила“ во преглед на други вести испратени по електронска пошта, додека за тоа немало ниту збор на вообичаениот брифинг со новинарите во живо.
На прашањето на Политико зошто е скриен ревидираниот вкупен број дози на вакцини, детал што беше објавен во оригиналниот договор, портпаролот на Комисијата ги упати до националните влади, наведувајќи: „Стратегиите за вакцинација или програмите за вакцини се дизајнирани и имплементирани од земјите-членки“.