Фон дер Лејен: Нема да ги повториме грешките од 2014 година, ќе продолжиме да вршиме притисок врз Русија

од Stefanija Kuzmanovska
254 прегледи

Ми претставува чест што можам да се обратам во Домот на украинската демократија, полна со емоции, со восхит за вашата храброст и издржливост, со тага за сите страдања што Русија ѝ ги нанесе на вашата сакана земја и со почит за сета неверојатна законодавна работа што овој Дом ја спроведе додека водите војна за опстанок, изјави денеска претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен во обраќањето пред членовите на украинската Врховна рада.

„Но, најсилното од сите чувства е благодарноста. Цела Европа ви должи длабока благодарност за се што направивте од почетокот на оваа брутална војна. Вие се борите не само за вашата слобода, вашата демократија и вашата иднина, туку и за нашата. Вие се борите за Европа. Ова е нешто за што ние сме целосно свесни. Почитувани членови на Радата, драг народе на Украина, Ви благодарам многу“, рече Фон дер Лејен.

Таа потсети и на храброста на Олександр Мациевски, убиен од страна на руските сили по заробувањето во битката кај Бахмут, чие погубување го оцени како едно од многуте воени злосторства во крвавата војна во Украина.

„Додека Олександар ги гледаше своите убијци, немаше страв на неговото лице. Тој пркосно застана пред нив и кажа два едноставни збора. Зборови на слобода. Зборови на гордост. Зборови кои значат дека Русија никогаш нема да победи во оваа војна. И сега тие зборови се засекогаш врежани во срцата на сите слободни луѓе во светот: Слава на Украина“, порача претседателката на ЕК.

Таа потенцира дека во услови кога сите Украинци се спротивставуваат на руската бруталност, на остатокот од Европа ѝ преостанува само една работа, а тоа е да стои покрај Украина онолку долго колку што е потребно.

„Ова е причината зошто следната недела го објавуваме нашиот 12-ти пакет санкции против Русија. Новите санкции ќе опфатат до 100 нови лица, нови забрани за увоз и извоз, активности за заострување на ограничувањето на цената на нафтата и строги мерки за компаниите од трети земји кои ги заобиколуваат санкциите. Предолго, многумина во Европа мислеа дека можеме да тргуваме со Русија и да ја интегрираме во безбедносниот поредок на Европа. Но, тоа не функционира. И тоа нема да функционира се додека акциите на Русија се водени од соништата на заблуда за империја. Ова е една клучна лекција што вие, народот на Украина, ја научивте во текот на целата војна. Значи, нема да ги повториме грешките од 2014 година. И ќе продолжиме да вршиме максимален притисок врз Русија, до крајот на агресијата, додека Украина повторно не воспостави праведен мир“, рече Фон дер Лејен.

Претседателката на ЕК посочи дека Украинците не треба да учат како да бидат Европејци, бидејќи од почетокот на војната докажаа дека се тоа, покажувајќи ја моќта на демократијата, генијалноста и европските вредности.

Слични содржини