Фон дер Лeјен: Сè додека е потребно, ЕУ ќе обезбедува финансиска поддршка и муниција за Украина

од Stefanija Kuzmanovska
243 прегледи

Се додека е потребно, ЕУ ќе обезбедува финансиска поддршка и муниција за Украина и ќе продолжи со обуката украинските војници, порача денеска претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лeјен во обраќањето пред припадниците на украинските Вооружени сили кои се распоредени во одбрана на аеродромот „Антонов“ во Хостомел, во близина на Киев.

„Ја спасивте вашата земја и му дадовте шанса на отпорот на Украина. Само минатата недела соборивте седум борбени авиони, се вративте во Црното Море и ја продолживте трговијата. Ова се чинеше невозможно пред две години“, нагласи Фон дер Лејен, која денеска престојува во посета на Украина во придружба на премиерите на Белгија, Александер Де Кро, на Италија, Џорџа Мелони и на Канада, Џастин Трудо.

Посочувајќи на големиот авион од типот „Антонов“, наречен „Сон“, кој беше уништен во Хостомел пред две години, Фон дер Лејен нагласи дека можеби е уништено леталото, но не и сонот.

„Сонот за слободна и суверена Украина живее и Хостомел ќе биде запаметен како нов почеток“, истакна претседателката на Еврокомисијата.

Претходно, Фон дер Лејен присуствуваше на церемонија на примопредавање на 50 теренски возила на украинската полиција, кои се донација од ЕУ.

Утрово, по пристигнувањето на киевската железничка станица, Фон дер Лејен изјави дека оваа посета на Киев на денот кога се одбележува втората годишнина од почетокот на руската агресија врз Украина е со цел да му се оддаде признание на извонредниот отпор на храбриот украински народ.

„Неодамна најавивме голема финансиска поддршка за Украина, но исто така е многу важно и да ја изразиме нашата морална поддршка. И, се разбира, ова патување ќе биде можност да разговараме за сите аспекти на нашата европска поддршка за Украина“, изјави Фон дер Лејен.

За време на престојот во Киев, предвидено е Фон дер Лејен и тројцата премиери кои ја придружуваат да имаат средби со претседател Зеленски и со украинскиот премиер Денис Шмихал, да положат венци на Ѕидот за сеќавање на загинатите украински бранители во конфликтот со Русија, како и да се сретнат со група украински студенти.

Руските сили ја нападнаа Украина на 24 февруари 2022 година, започнувајќи ја најголемата воена офанзива во Европа по Втората светска војна, што резултираше со најмалку 10.000 цивилни и стотици илјади воени жртви, 3,6 милиони внатрешно раселени лица и 6,3 милиони украински бегалци во други земји.

Слични содржини