Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, во Стразбур најави дека следниот месец ќе ги претстави идеите за реформирање на Европската унија, за да може да функционира со 30 или повеќе членки.
„Следниот месец Комисијата ќе ги претстави нашите идеи пред Европскиот парламент и Советот, во пресрет на расправата на лидерите организирана од белгиското претседателство“, рече Фон дер Лајен во говорот пред претставниците на Европскиот парламент на пленарната седница во Стразбур.
Таа истакнува дека по одлуката за отворање преговори со Украина и Молдавија и Босна и Херцеговина, кога ќе ги исполни бараните услови, Унијата почнала да работи на сопствени реформи за да може да функционира по проширувањето. Европската унија потврди дека земјите од Западен Балкан треба да бидат членки како и Украина, Молдавија и Грузија.
Бидејќи ЕУ тешко ги носи одлуките и со денешните 27 членки, ќе биде уште потешко со 35, 36 членки. Затоа, постојано се нагласува дека ЕУ мора да се подготви за проширување, во исто време кога земјите аспиранти се подготвуваат за членство преку преговарачкиот процес.
„На последниот Европски совет се согласивме да ги отвориме пристапните преговори со Украина, Молдавија и Босна и Херцеговина, кога ќе ги исполнат потребните критериуми. Го одобривме кандидатскиот статус за Грузија и ја потврдивме нашата колективна посветеност на иднината во која сите шест земји од Западен Балкан ќе бидат дел од нашата Унија. Но, како во пракса ќе функционира Унијата со 30 или повеќе земји? Само ние, во рамките на Европската унија, можеме да одговориме на тоа прашање“, рече Фон дер Лејен.