Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, во интервју за шпанскиот весник „Ел Мундо“ изјави дека ЕУ треба да се подготви за најлошата можна ситуација кога е во прашање снабдувањето со гас.
„Мораме да останеме обединети затоа што единствената одговорна за оваа енергетска криза е Москва и никој друг. Имајќи предвид дека Русија веќе делумно или целосно го прекина снабдувањето со гас за 12 земји-членки, сите ние мора да бидеме подготвени за најлошото“, рече Фон дер Лејен.
Таа истакна дека некои земји од ЕУ се повеќе зависни од рускиот гас „или поради нивната географска положба или поради нивните суверени енергетски одлуки“ и додаде дека овие земји сега се во поранлива позиција, но дека економиите на земјите-членки се поврзани преку единствениот пазар.
„Сега ЕУ се свртува кон посигурни енергетски партнери. Веќе достигнавме рекордни количини на испораки на течен природен гас од САД, зголемувајќи го обемот на гас од Норвешка, земјите од Заливот, Алжир или регионот на Каспиското Море и се поголем број на земјите низ светот. Во првата половина на 2022 година увезовме дополнителни 38 милијарди кубни метри ЛНГ и гас преку цевководи надвор од Руската Федерација“, додаде таа.