Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лејен во средата остро го осуди унгарскиот закон, за кој вели дека ги дискриминира луѓето врз основа на сексуалната ориентација.
„Овој унгарски закон е срамота. Јас им порачав на надлежните комесари да испратат писмо за да ја искажат нашата правна загриженост пред законот да стапи на сила“, рече фон дер Лејен во писмената изјава.
Унгарскиот парламент неодамна донесе измени и дополнувања на повеќе закони со кои се забранува прикажување и унапредување на родовиот идентитет, освен полот при раѓање, промена на полот и хомосексуалноста на лица помлади од 18 години.
„Овој закон јасно ги дискриминира луѓето“
„Овој закон јасно ги дискриминира луѓето врз основа на нивната сексуална ориентација. Тој е против основните вредности на Европската унија, човечкото достоинство, еднаквоста и почитувањето на човековите права. Ние нема да правиме компромис за овие принципи“, рече таа.
Урсула фон дер Лејен додава дека верува во Европската унија во која секој може слободно да биде тоа што е и да сака кого сака.
„Верувам во Европа што ја прифаќа различноста. Ќе ги искористам сите овластувања на Комисијата за да осигурам дека се почитуваат правата на сите граѓани на ЕУ. Кои и да се и каде и да живеат во Европската унија“, рече Фон дер Лејен.