Претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лејен, истакна денеска, во пресрет на Самитот ЕУ-Западен Балкан на Брдо кај Крањ, дека Унијата испраќа многу важна порака до регионот, имено дека Западен Балкан припаѓа на ЕУ.
„Сакаме да испратиме многу јасна порака, а тоа е дека Западен Балкан припаѓа на ЕУ. Ние ги сакаме во ЕУ. Ние сме едно европско семејство. Делиме иста историја, вредности и убедена сум истата судбина“, рече таа.
Фон дер Лејен нагласи дека членките на ЕУ сакаат интеграција на Западен Балкан бидејќи знаат дека тоа е добро и за Западен Балкан и за ЕУ.
„Имаме заеднички интереси и можеме да се развиваме подобро заедно. Интеграцијата на Западен Балкан на заедничкиот пазар мора да напредува. Мојата порака до Западен Балкан е – ве сакаме во ЕУ, продолжете со реформите, целта е пред вашите очи“, рече претседателот на Европската комисија.
Самитот на Европската унија-Западен Балкан, посветен на европската перспектива на регионот, се одржува денеска на Брдо кај Крањ во Словенија, и ќе ги собере шефовите на држави или влади на земјите-членки на ЕУ и лидери на Западен Балкан.
Самитот се смета за можност за реафирмирање на европската перспектива на Западен Балкан и негова понатамошна интеграција во ЕУ, но и давање дополнителен поттик за имплементација на Европскиот инвестициски и економски план.
Домаќин на денешниот собир на Брдо кај Крањ е премиерот на Словенија Јанез Јанша, а претседава претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел, кој заедно со претседателката на Европската комисија Урсула Фон Дер Лејен ќе ја претставува ЕУ.
На самитот ќе учествуваат лидери на сите 27 земји -членки на ЕУ и Западен Балкан – Албанија, БиХ, Црна Гора, Северна Македонија, Србија и Косово.