Фон дер Лејен: Самит на единство и партнерство на ЕУ и Западен Балкан

од Vladimir Zorba
148 прегледи

Самитот на Европската Унија и Западен Балкан, што се одржа денеска во Тирана, испраќа јасна порака за единство и партнерство, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, додавајќи дека ЕУ целосно го поддржува процесот на проширување.

„Нашата поддршка за регионот доаѓа од срце и затоа што сме длабоко убедени дека припаѓаме еден на друг. Сакаме заедно да ги решаваме предизвиците и проблемите со кои се соочуваме. Сакаме заедно да се соочиме со последиците од војната во Украина“, рече Лејен на заедничката прес-конференција со претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел и премиерот на Албанија, Еди Рама.

Претседателката на Комисијата рече дека ЕУ целосно го поддржува процесот на проширување и регионалната интеграција и оцени дека е постигнат напредок оваа година, потсетувајќи на отворањето на преговорите со Албанија и Северна Македонија како историски чекор кој, како што рече, дава нов импулс на процесот.

Таа додаде дека Комисијата препорачува да и се даде кандидатски статус на Босна и Херцеговина и дека се надева дека Европскиот совет ќе донесе позитивна одлука за ова прашање следната недела.

Една од главните теми на самитот била енергетиката, а според Лејен, ЕУ сака да ја реши енергетската криза „заедно со пријателите од Западен Балкан“ и да му понуди на регионот слични решенија кои се усвоени во Унијата.

Таа потсети дека ЕУ ќе му помогне на регионот со милијарда евра, од кои 500 милиони евра ќе бидат директна буџетска поддршка за ранливите домаќинства и бизниси, а 500 милиони евра за инвестиции во инфраструктура, обновливи извори на енергија и енергетска ефикасност.

Таа додаде дека на 5 декември ЕУ одобрила 12 инвестициски проекти, од кои шест се во енергетскиот сектор.

Досега ЕУ има одобрено 40 проекти од областа на транспортот, поврзувањето, енергетската транзиција, зелената агенда, дигиталната транзиција со вкупна вредност од 5,7 милијарди евра, од кои ЕУ ќе обезбеди 1,8 милијарди.

Лидерите денеска разговараа и за проблемот со миграцијата, а Лејен посочи дека заеднички интерес е ЕУ и Западен Балкан тесно да соработуваат во сите аспекти.

„Можете да сметате на нашата поддршка во управувањето со границите и миграцијата. Очекуваме земјите од Западен Балкан да се усогласат со нашата визна политика. Ова е клучно за одржување на безвизниот режим меѓу нас, бидејќи се работи за взаемно почитување на правилата“, рече Лејен.

Слични содржини