Фондот на пензиското и инвалидското осигурување ја известува јавноста дека исплатата на пензиите се одвива нормално и веќе на први декември 2025 пензионерите ќе ја добијат ноемвриската пензија, за што вкупно ќе се исплатат средства во висина од 9.297.493.427 денари (девет милијарди 297 милиони 493 илјади и 427 денари).
-Пензионерите треба да бидат спокојни, бидејќи Владата ја гарантира исплатата на пензиите и тука не треба да има никаков сомнеж или страв дека пензии нема да има. Фондот на ПИОМ во координација со Владата исплатата ја врши секој први во месецот и истото ќе продолжи да го прави и во 2026 година.
За наредната 2026 година Владата на Република Македонија во буџетот ќе обезбеди речиси 151 милјарда денари за исплата на покачените пензии, здравственото осигурување на пензионерите и транзициските трошоци за трите пензиски друштва од вториот столб, велат од ПИОМ.
Фондот на ПИОМ ја информира јавноста дека од први октомври 2024 година до први октомври 2025 година, кога се исплатени септемвриските пензии за 2024 и за 2025 година, номинално се покачени за 6000 денари. Процентуално покачувањето, со исплатата на септемвриската пензија 2025 година, изнесува околу 29 проценти во однос на сумата исплатена за августовската пензија во 2024 година.
Фондот на ПИОМ, исто така, информира дека вкупните средства за исплата на пензиите со усогласувањата, во 2026 година ќе бидат повисоки за 30 милијарди денари, односно за околу 500 милиони евра.
-Сите овие покачувања и усогласувања на пензиите се во насока на подобрување на животниот стандард на пензионерите и намалување на влијанието на инфлацијата врз истиот.
Според официјалните податоци од државните институции инфлацијата во 2024 година изнесуваше 3,5 проценти на годишно ниво, а за оваа година се очекува да биде 3,9 проценти. Од изнесените податоци се гледа дека процентот на зголемувањето на пензиите од септември 2024 година до септември 2025 година е многу поголем од инфлацијата со која се соочуваме.
Фондот на ПИОМ истовремено потенцира дека во изминатите 30 години пензиите никогаш не биле зголемени за толкав процент во период од една година, што е само уште една потврда дека Владата води грижа за подобрување на стандардот на пензионерите, стои во соопштението.