Бугарската Фондација „Македонија“ не гледа ништо шокантно во фактот дека српската поп-ѕвезда Цеца го мавтала бугарското знаме за време на концерт во Велес.
Според Виктор Стојанов, претседател на фондацијата, социјалните медиуми биле исполнети со „вештачки надуен гнев“.
„Во последните денови, медиумите и социјалните медиуми повторно беа исполнети со „вештачки надуен гнев“ – овој пат затоа што пејачката Цеца Ражнатовиќ го мавташе бугарското знаме за време на нејзиниот концерт во Велес. Да се потсетиме на фактите. Светлана Ражнатовиќ, родена Величковиќ, е од селото Житораџа – место кое до Ослободувањето во 1877 година беше дел од Бугарската егзархија, во рамките на Нишката епархија. Ова значи дека нејзиниот роден крај, како и самиот Велес, беа дел од духовниот и културниот простор на бугарската нација. Во овој контекст, нема ништо скандалозно во тоа што личност со такви корени го крева бугарското тробојно знаме – напротив, тоа е чин на признавање на сопствената историја“, сподели Фондацијата „Македонија“.
Фондацијата потсетува дека отсекогаш го бранела правото на луѓето да бидат горди на своите вистински корени и историска вистина.
„Бугарското знаме е симбол на културата, духовноста и слободата – не разделува, туку обединува. Да не ја претвораме гордоста во омраза. Вистината не може да биде скандал“, велат од фондацијата.