Бугарската контроверзна организација „Фондација Македонија“ планира да влезе во македонскиот фудбал и да го купи ФК Вардар. На својот Фејсбук профил објавија дека собираат пари за купување на клубот, а интересно е што оваа фондација го користи името и логото на најтрофејниот македонски клуб.
Во апелот за донирање пари, иако директно не е споменат ФК Вардар, стои дека целта е да се соберат минимум 15.000 евра.
-Фондацијата „Македонија“ ќе има свој фудбалски клуб во Северна Македонија, кој ќе биде првиот бугарски фудбалски клуб во земјата од 1944 година. Секој од вас може да се вклучи со учество во капитал или со донација. Буџетот на нашиот фудбалски клуб за новата сезона треба да биде најмалку 15.000 евра, фондацијата обезбеди 5.000 од нив. Сè уште се селектираме и преговараме која екипа да ја земеме, таа ќе биде во 3-та или 4-та лига (ниво на фудбал во РСМ), стои во објавата на фондацијата.
Фондацијата не крие дека за своите операции и дејствија веројатно се консултираат и координират со официјалните бугарски институции, што може да се забележи од објавените заеднички фотографии со директорката на Бугарската агенција за дијаспора, како и со други бугарски функционери.
Минатата недела беше изгласана иницијативата во градот Скопје за обезбедување институционална поддршка за ФК „Вардар”, со 34 гласа „за” и 1 „против” на 32-та седница на Советот.
Со колку пари градот ќе му помогне на Вардар треба да одлучи градоначалничката Данела Арсовска.
Ова е втора иницијатива на градот за помош на Вардар, откако пред повеќе од осум месеци беше изгласано да се помогне со 250.000 евра, но тогаш одлуката не помина во Министерството за финансии.