Формирана антикорупциска комисија: До Судскиот совет доставени 50-ина иницијативи за испитување одговорност кај судии

од Берта Китинска
306 прегледи

Со последните измени во Законот за Судски совет преку кои се отвори можност секој да покрене иницијатива за утврдување одговорност за несовесно и нестручно постапување на судија, целосно се сменија бројките со поднесени барања. Ако во изминатите години Судскиот совет имаше само по неколку барања годишно, годинава има 50-тина иницијативи за испитување одговорност кај судии. И ова е дел од инструментите кои Судскиот совет ги користи во борбата против корупција.

Од таму нагласуваат дека преку спроведувањето реформи во судството настојуваат да изградат механизми за спречување на корупцијата и за заштита на човековите права.

„Во тек е процес на целосна дигитализација на судскиот систем со што ќе се олесни комуникацијата на граѓаните со институциите, но дигитализацијата ќе овозможи и полесен увид во работата на судиите со што тие ќе бидат потранспарентни, а тоа ќе значи нивно независно и објективно одлучување и помала склоност кон корупција.

Судскиот совет усвои Методологија за квалитативно оценување на судиите, како и Методологија за сложеност на судски предмети. Со нивната примена ќе може да се прави пошироко, подиректно и поверодостојно оценување на работата на судиите што ќе придонесе за нивно поодговорно постапување, како и носење пресуди исклучиво врз докази. Континуираниот мониторинг ќе ги намали ризиците од корупција.

Практично, крајната цел на системот кој сака да го воспостави Судскиот совет, преку дигитализацијата, преку надградбата на АКМИС-от, преку новите методологии за оценување и за утврдување сложеност на предмети, е да имаме ажурно судство со испорачување на брза и ефикасна правда. Тоа ќе ја врати довербата на граѓаните во судскиот систем и ќе придонесе кон искоренување на корупцијата“, се наведува во соопштението.

Во него се додава дека со последните измени во Законот за судски совет, преку кои се отворила можност секој да покрене иницијатива за утврдување одговорност за несовесно и нестручно постапување на судија, целосно се смениле бројките со поднесени барања.

„Ако во изминатите години Судскиот совет имаше само по неколку барања годишно, годинава има 50-тина иницијативи за испитување одговорност кај судии“, се наведува во соопштението.

Во него уште еднаш се апелира граѓаните кои имаат сознанија и информации за случаи на корупција во судството, веднаш да ги пријават.

Слични содржини