Формула 1 воведе задолжителна вакцинација

од Nikola Popovski
321 прегледи

Возачите и луѓето кои учествуваат во организацијата на трките во Формула 1 оваа сезона ќе мора да се вакцинираат против коронавирус.

Според одлуката на компанијата Либерти Медиа, која раководи со натпреварувањето, ќе треба да се вакцинираат сите кои работат во боксовите на тимовите на патеката – возачите, членовите на тимот, медиумите, работниците во организацијата и гостите кои присуствуваат на трките.

Според Би-Би-Си, оваа одлука не се очекува да влијае на возачите, бидејќи се верува дека сите се вакцинирани. За минатогодишната трка во Остин, Тексас, беше задолжително сите да бидат ревакцинирани.

Би-Би-Си изјави дека Меѓународната автомобилска федерација (ФИА) е подготвена да разгледа индивидуални исклучоци од случај до случај, доколку поединецот е подготвен за поригорозен режим на тестирање во споредба со целосно вакцинираниот.

Прележувањето на коронавирусот нема да биде прифатено како исклучок, а одлуката за задолжителна вакцинација ќе доведе до ублажување на ковид-мерките во Формула 1.

Процесот на тестирање ќе се намали, а во случај на позитивен тест, ќе се идентификуваат блиски контакти врз основа на националните барања.

Системот на меур, кој ги ограничува контактите за да обезбеди минимален прекин на натпреварувањето поради позитивен тест, повеќе нема да биде задолжителен, но ФИА ќе продолжи да го препорачува.

Оваа сезона ќе се возат рекордни 23 трки, а шампионатот започнува на 20 март со трка за Големата награда на Бахреин.