Форум: Македонија заостанува во исполнувањето на обврските за пристапот до правдата за ранливите групи граѓани

од Vladimir Zorba
82 прегледи

Нашата држава заостанува со исполнувањето на преземените обврски за имплементација на одржливите развојни цели, меѓу кои и пристапот до правдата за ранливите групи граѓани, беше истакнато на денешниот Национален форум на кој беше презентиран извештајот за имплементирањето на одржливата развојна цел на Обединети Нации „Промовирање на владеењето на правото и обезбедување на еднаков пристап до правда за сите“.

-Во Македонија во изминатава  година ипол сé уште степенот на напредок не е на најзадоволително ниво. Направени се некои поситни интервенции, меѓутоа недостасуваат правилен начин на прибирање и селектирање на податоци со кои ќе може да се следи како земјата напредува на секој од овие  индикатори, изјави Фани Каранфилова-Пановска од Фондацијата Отворено општество-Македонија.

Според неа, неопходно е во реалтивно кус рок да се почне со подготовка на планот за имплементација на мерките, односно индикаторите за кои е превземена обврската.

Заменик министерот за правда Оливер Ристовски на форумот посочи дека за Законот за бесплатна правна помош имало многу забелешки од невладините организации што се занимаваат со оваа проблематика, како и од Адвокатската комора, поради што законскиот текст е вратен на доработка.

Сите забелешки, како што додаде Ристовски, се инкорпорирани во новото законско решение, кое во најскоро време ќе оди во владина, па потоа и во собраниската процедура.

-Законската рамка онака како што сега е поставена со постоечкиот текст на Законот не дава можност да се направи прецизен статистички приказ на состојбата со системот за бесплатна правна помош, освен обврската да се наведат оскудни статистички податоци во годишниот извештај за законот што редовно се доставува до Владата, рече Ристовски.

Во контекс на тоа, посочи дека бесплатната правна помош во кривичните предмети е регулиран со Законот за кривичната постапка и се спроведува од страна на судството и секој суд има посебна буџетска ставка за таа цел.

Во извештајот се препорачува надлежните институции да водат статистика за пријавените кривични дела во зависност од тоа дали биле пријавени од граѓани или, пак, од други државни органи. Воедо потребно е да се води статистика и за жртвите на кривичните дела, жртвите на насилен криминал по видови на делата и по години, како и податоци за нивните карактеристики.

Целите за одржлив развој (SDG’s) претставуваат глобален повик за акција на ОН за да се стави крај на екстремната сиромаштија, да се обезбеди одржлива иднина, заштита на животната средина и да се овозможи луѓето да уживаат еднаквост мир и правда. Целта за пристапот до правда е препознаена како посебна одржлива развојна цел, чија имплементација директно придонесува за економскиот развој на општеството.

Националниот форум е организиран од Коалицијата Маргини и Здружението ЕСЕ, со финансиска поддршка од Фондацијата Отворено општество Македонија (ФООМ), кои препознавајќи го значењето на пристапот до правда како посебна развојна цел иницираа процес на промовирање на оваа развојна цел и потребата за нејзино имплементирање во нашето општество.

По завршувањето на Форумот, заменик министерот за правда одговарајќи на новинарско прашање во врска со последните информации за вработувања во јавните институции што се третират како непотизам, рече дека Министерството за правда не е надлежно за тоа прашање и оти смета дека треба да се преиспитаат сите вработувања.

Ристовски додаде дека во Министерството за правда во последниот период имало неколку вработувања и сите биле транспарентни.