Виенскиот економски форум во Тирана, каде лидери на земји од Југоисточна Европа разговараат за унапредување на економската соработка, сепак беше и место каде се разговараше и за политиката и политичките настани. Премиерот Никола Груевски рече дека покрај економските мерки што ги спроведува Владата, за развојот битно е и да се надмине проблемот со името, со цел да стартуваат преговорите со Европската унија. Како свеж и добар преговарачки пример за Грција тој ги посочи Словенија и Хрватска. Груевски на маргините разговарал со свои колеги од соседството и, како што рече, со премиерите на Србија, БиХ, Албанија и Косово станало збор за политичката ситуација во државите, пренесува Телма
Во тие разговори, косовскиот премиер Иса Мустафа го наметнал прашањето за настаните од Кумново и побарал тие да бидат расветлени со помош на независни фактори.
-Ние сме заинтересирани за стабилност на Македонија и за стабилност на регионот. Важно е да има меѓународна истрага за овие настани, ние ги очекуваме и резултатите од обдукцијата што се прави во Приштина на осумте убиени наши државјани, што по многубројните шпекулации во печатот, можеби ќе даде повеќе одговори за овие настани, а тоа е од интерес како за Косово, така и за Македонија, изјави Мустафа.
Груевски во своето обраќање до Форумот порача дека лидерите од регионот треба да бидат внимателни и поодговорни во своите изјави. Македонија, рече, сака да биде вклучена во Јадранско-јонската и Дунавската иницијатива како и во дел од медитеранската соработка, и испрати порака до Европската унија.
– Сметам дека ЕУ треба да обрне внимание на регионот, тоа го имаме, но потребно е повеќе внимание, повеќе сила, енергија да му помогне на регионот најбрзо што е можно за да реши одредени прашања и да оди напред во приклучувањето кон ЕУ, од што и двете страни, и ЕУ и регионот, ќе имаат предности и полза од овој процес, рече Груевски.
Внимание предизвика и пораката на српскиот премиер Александар Вучиќ кој побара поголема соработка и помош од страна на Европската унија, но од неа и поголема искреност.
повеќе тука
