(ФОТО) Државниот врв и дипломатскиот кор на свечен прием ѝ ја честитаа новата улога на Шекеринска во НАТО

од Илинка Илиоска
863 прегледи

По повод изборот на Радмила Шекеринска за заменик генерален секретар на НАТО, денес се одржа свечен прием на кој присуствуваа истакнати политички, дипломатски и општествени фигури.

Присутни беа претседателката Гордана Сиљановска Давкова, претседателот на Собранието Африм Гаши, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, директорот на АНБ Бојан Христовски, американската амбасадорка Анџела Агелер, амбасадори од речиси сите земји членки на НАТО, како и поранешни и актуелни политичари, новинари и експерти од невладиниот сектор.

Во својот говор, Шекеринска им се заблагодари на сите кои ја поддржаа нејзината кандидатура, нагласувајќи дека овој успех е заеднички.

“Секој сам сме губитници, а заедно сме посилни,” истакна таа, повикувајќи на обединување околу заедничките цели.

Таа го оцени својот избор како значаен момент за Македонија, која пред само четири години стана полноправна членка на НАТО, а денес има свој претставник во највисокото раководство на Алијансата.

шекеринска прием

На приемот беше потенцирано дека ова е историски успех, не само за Шекеринска како личност, туку и за државата. Со оваа улога, Шекеринска станува највисоко позициониран политичар од Македонија на меѓународната сцена, што дополнително ја зацврстува улогата на земјата во глобалните безбедносни процеси.

Слични содржини