Најголемата снежна бура во изминативе 100 години ја зафати Москва, во САД има стотици судари со жртви во снежното невреме, во Јапонија е блокиран сообраќајот, а низ Европа драматично паѓаат температурите.

Комуналните служби во Москва исчистија околу 72 милиони кубни метри снег откако во текот на викендот заврна најголемиот снег во изминатите 100 години.

Во американските сојузни држави Мисури и Ајова поради невремето во 185 сообраќајни несреќи загинаа седум луѓе, а петмина се хоспитализирани во критична состојба.

Снегот целосно го блокираше сообраќајот во префектурата Фукуа во Јапонија и повеќе од 1.000 возила останаа заглавени на патиштата, објавија локалните медиуми.

Снежната покривка изнесува 1,3 метри, а метеоролозите велат дека ова е најголемата снежна бура во изминатите 40 години во Јапонија.

Ни Европа не е поштедена – во северниот дел на Шпанија наврнаа огромни количини снег, а во Мадрид сообраќајот е отежнат и блокирани се неколку патишта што водат кон главниот град.
По излевањето на реката Сена и поплавата, Париз го зафатија обилни врнежи снег, поради што градските служби објавија предупредување, а според прогнозите на метеоролозите, викендов повторно се очекуваат врнежи снег.

Британските метеоролози предвидуваат дека ледениот бран ќе ја стигне и Велика Британија, што ги потсети граѓаните на катастрофалната снежна бура што ја погоди земјата во 1978 година.