ФОТО: Остатоци од Титан и остатоци од телата на патниците извлечени на површината

од Stefanija Kuzmanovska
763 прегледи

Пронајдени се остатоци од туристичката подморница Титан, уништена во имплозија во која загинаа пет лица, како и можни остатоци од телата на патниците и се извлечени на брегот за да бидат истражени, соопшти американската крајбрежна стража, пренесува „Хина“.

Остатоците од Титан, кој имплодираше на 18 јуни додека се спушташе кон остатоците на Титаник, како и наводните остатоци од телата на патниците, беа пренесени до пристаништето Сент Џонс во Њуфаундленд, Канада, на околу 650 километри северно од местото на несреќата, пренесува „Ројтерс“.

Крајбрежната стража ќе ги пренесе доказите до американското пристаниште каде што ќе бидат анализирани од истражното тело на морнарицата формирано оваа недела за официјално да ја истражи несреќата на Титан.

Официјална анализа

Американските експерти „ќе извршат и официјална анализа на наводните остатоци од телото на патниците, кои се внимателно извадени од остатоците на местото на несреќата“, се додава во соопштението на крајбрежната стража.

Се очекува испитувањето на посмртните останки да ги расветли причините за имплозијата на подморницата Титан, во која пет лица се упатија кон остатоците од Титаник, кој потона во Северниот Атлантик пред 100 години.

Фрагменти од подморницата, која изгубила контакт со бродот околу еден час и 45 минути по почетокот на двочасовното нуркање, биле пронајдени на дното на океанот на 488 метри од потонатиот брод Титаник.

„Нашиот тим успешно ги заврши операциите на море“, објави Pelagic Research Services, компанија за поморски истражувања.

„Десет дена работиме дење и ноќе, низ физичките и психичките предизвици на оваа операција, и нетрпеливи сме, едвај чекаме да ја завршиме мисијата и да се вратиме кај нашите најблиски“, стои во соопштението.

Pelagic го обезбеди возилото управувано со далечинско (ROV), Odysseus 6K, кое го чешлаше океанското дно на локација на околу 3,8 километри под површината.

Одборот за безбедност на транспортот на Канада работеше со тимови од САД, Франција и Велика Британија, како и приватни компании како Pelagic, за да ги пронајдат остатоците од подморницата.

Друга компанија, Horizon Maritime, го обезбеди бродот Horizon Arctic, кој го влечеше Odysseus ROV во водите над потонатиот брод и ги врати деловите назад во неговото домашно пристаниште во Сент Џонс.

Канадскиот одбор соопшти дека планира да спроведе безбедносна истрага за Титан и неговиот товарен брод под канадско знаме Polar Prince. Истражувањето ќе се одвива во три фази: теренска фаза за собирање информации, фаза „испитување и анализа“ и финален извештај.

Слични содржини