Припадници на Руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) го уапсија осомничениот за убиството на генерал-полковник Јарослав Москалик, заменик-началник на Главната оперативна дирекција на Рускиот генералштаб, соопшти Центарот за односи со јавноста на ФСБ.
„Уапсен е Игнат Кузин, агент на украинските специјални служби, роден во 1983 година, кој постави експлозиви во „Фолксваген Голф“ во градот Балашиха во Московската област, што резултираше со смртта на генерал-потполковник Јарослав Москалик, заменик-началник на Главната оперативна дирекција на рускиот Генералштаб, роден во 1966 година“, се вели во соопштението. Се додава дека Кузин имал дозвола за престој во Украина.
Да ве потсетиме дека Москалик беше убиен вчера кога експлодираше автомобил „Фолксваген“. Експлозијата била толку силна што биле скршени прозорците на околните згради. Рускиот истражен комитет потврди дека уредот бил активиран со далечински управувач.
За време на неговата воена кариера, Москалик беше еден од клучните руски оперативни команданти, задолжен за стратешки воени операции на највисоко ниво. Тој одигра значајна улога во дипломатските преговори за време на војната во источна Украина и го претставуваше рускиот Генералштаб во преговорите со Украина во Париз во 2015 година, како и за време на состаноците во рамките на таканаречениот Нормандиски формат.
Нападот врз Москалик потсети на претходниот случај од декември 2024 година, кога генералот Игор Кирилов беше убиен на сличен начин во Москва. И потоа руските власти ги идентификуваа украинските разузнавачки служби како сторители.