Лиерот на опозицијата, Зоран Заев, заедно со генералниот секретар на СДСМ, Оливер Спасовски, и со градоначалникот на Куманово, Зоран Дамјановски, ги посети куќите од Диво Насеље каде викендов се водеа борби помеѓу полицијата и терористичката група.
Претседателот на СДСМ беше пречекан со овации, а народот го поздравуваше со аплауз.
Заев рече дека дошол да го посети местото каде викендов се случуваа немилите настани и порача никогаш да не се повтори. Полициските сили, според него, професионално си ја завршија работата и биле крајно вниматели со народот.
На новинарско прашање за заклучоците од Советот на безбедност, Заев рече дека не било кажано ништо повеќе од тоа што е соопштено на јавноста. Тој рече дека „за една работа било излажано на Советот“, но не сакаше да го сподели тоа со јавноста.
– Според информациите што беа пласирани, полицијата осум месеци ја следела групата и имала информации за неа. Надлежните можеле да постапат поинаку и да спречат да не дојде до ова сценарио. Претседателот воопшто не бил информиран за сериозноста на акцијата и поради тоа заминал во Москва. На прашањата кои ги поставив, не добив одговор, освен дека тоа МВР ќе го соопшти – изјави Заев.
![19311_988235431208914_5745076854630185252_n[1]](http://libertas.mk/wp-content/uploads/2015/05/19311_988235431208914_5745076854630185252_n1-396x540.jpg)
Заев рече дека ќе продолжи со „бомбите“ и дека партиските органи ќе заседаваат вечерва и ќе донесат стратегија како ќе бидат објавувани. Целата подготовка за митингот в недела се одвива непречено и до утре ќе се знае сè и околу неговата стратегија. Тој обвини дека целата ситуација во државата се искористила за некој да влезе во земјавата и да направи инцидент, а власта била зафатена за останување на власт и не превенирала, а можела сето тоа да го спречи.
Тој побара оставки од надлежните и формирање преодна влада која ќе има цел да организира избори.
![10394061_988237204542070_7745398179231747558_n[1]](http://libertas.mk/wp-content/uploads/2015/05/10394061_988237204542070_7745398179231747558_n1-396x540.jpg)
![11247801_988249097874214_7126825477893819029_n[1]](http://libertas.mk/wp-content/uploads/2015/05/11247801_988249097874214_7126825477893819029_n1-540x403.jpg)
![11231807_988249291207528_6345465430155324595_n[1]](http://libertas.mk/wp-content/uploads/2015/05/11231807_988249291207528_6345465430155324595_n1-540x403.jpg)
![11146493_10206538634893572_3710679940559547737_n[1]](http://libertas.mk/wp-content/uploads/2015/05/11146493_10206538634893572_3710679940559547737_n1-540x304.jpg)
![11137114_10206538635933598_2021971707868049519_n[1]](http://libertas.mk/wp-content/uploads/2015/05/11137114_10206538635933598_2021971707868049519_n1-540x304.jpg)
Извор: Либертас

