“Ако оваа шокантна слика на мртво сириско момченце, исфрлено од морето, не го промени односот на ЕУ кон бегалците, што ли ќе го направи тоа ?”, пишува во свој материјал весникот “Индипендент”.

Фотографиите покажуваат мало момче како лежи со лице во песок на турскиот брег, додека официјален претставник стои над него. Детето кое според властите е Сиријче, очигледно се удавило во обид да избегаат од војната, во својата земја. Шокантните фотографии се како потсетник дека додека европските лидери се обидуваат да ја спречат бегалската криза на континентот, сѐ повеќе и повеќе имигранти умираат во очај да избегаат и да стигнат до безбедното.
Британскиот весник го објаснува сопственото решение да ја објави оваа фотографија со тоа што често со површинските зборови за “тековната криза со имигрантите”, лесно се заборава реалноста за очајна ситуација, пред која се исправени многу од бегалците. Момчето на сликата е едно од 12-мината сириски бегалци што се обиделе безуспешно да го преминат Средоземното Море во двa чамци кон грчкиот остров Кос. Според турската новинска агенција “Доган”, три деца и една жена од малиот брод се удавиле. Две лица ја преживеале несреќата, допловувајки назад до брегот со спасувачки елеци.
Британскиот премиер Дејвид Камерон и министерот за одбрана Филип Хамонд се критикувани за нехуманиот јазик, со кој ги опишуваат бегалците. Камерон ги нарече бегалците “плевел “, а подоцна рече дека “нема да им даде да се пробијат до неговата земја”. Заедно со авганистанските граѓани, Сиријците го претставуваат поголемиот дел од луѓето кои бегаат од конфликти во својата татковина, за да бараат побезбеден дом во Европа.