(ФОТО)Груевски „фатен“ во друштво на една госпоѓа во ресторан во Будимпешта

од Nikola Popovski
263 прегледи

Поранешниот премиер, Никола Груевски после подолго време повторно бил виден во главниот град на Унгарија, Будимпешта.

„Никола Груевски повторно беше виден во Будимпешта. Никола Груевски, кој побегна во Унгарија во ноември 2018 година од последната затворска казна, беше фотографиран во ресторанот Токио во центарот“, пишува на социјалните мрежи на Радио Слободна Европа на унгарски јазик, кој објави фотографија од Груевски во друштво на една госпоѓа.

Според РСЕ, Груевски седел на маса покрај прозорец во ресторанот во Будимпешта.

На 30-ти септември беше објавено дека Груевски целосно ја избегна двегодишната затворска казна за случајот „Тенк“, поврзан со набавката на луксузниот „мерцедес“. На 4 октомври 2018 година, Груевски беше правосилно осуден, но поради истекот на шестгодишниот период застарување, на 4 октомври 2024 година, казната не може да биде извршена.

Ново барање за екстрадиција на осудениот експремиер, Министерството за правда ќе бара штом ќе се создадат услови, рече кон крајот на месец јули ресорниот министер Игор Филков. Според него, со голема внимателност се следат сите случаи за кои е распишана потерница и ќе постапуваат, како што вели, без исклучок.

Од Министерството за правда неколкупати најавуваа дека се подготвуваат нови барања за екстрадиција на Груевски. Последната најава беше минатата година кога тогашниот министер Кренар Лога посочи дека освен за делото за кое требаше да одлежи затворска казна со правосилна пресуда, за Груевски ќе се бара екстрадиција за уште девет други кривични дела.

Груевски во 2018 година ја премина границата од Албанија кон Црна Гора со што се одбележуваат шест години од неговото бегство од Македонија во Унгарија, каде што беше прогласен за политички азилант и ја избегна казната затвор за случајот „Тенк“ и стана недостапен за македонските органи на прогонот за другите обвиненија. На 13-ти ноември 2018, екс-премиерот на Фејсбук соопшти дека се наоѓа во Будимпешта и дека побарал азил.

Слични содржини