Старките се можеби најносените и купуваните патики во историјата на обувките, и покрај тоа што го немаат сменето дизајнот од првиот пат кога биле претставени во 1917 година. Рамните платнени патичиња за првпат беа облечени од кошаркарите на НБА, но веќе во седумдесетите музичарите како Рамонс и Деби Хари ги внесоа неповратно во музичката мода. Се носат високи и ниски, во сите бои и секакви принтови, но дизајнот е тој цели 98 години.
Конверс сега за првпат ги престави новите редизајнирани старки Converse Chuck Taylor All Star II, кои се посветени на удобноста на популарната патка. Старките сега се изработени по иновативната технологија за патики на Nike што вклучува перничиња за помеко стапнување и поддршка на стапалото, „јазик“ изработен од материјал што не се лизга, и воопшто помазен материјал на патиката, што воедно дозволува „дишење“ на стапалото.
Патиките Converse Chuck Taylor All Star II ќе бидат достапни за купување од 28 јули, по цена од 70 американски долари за ниските и 75 долари за високите старки. Ќе може да се купат во официјалните продавници на „Конверс“, како и онлајн на Converse.com.