Франција го засилува военото присуство на Балканот со испраќање тешко вооружување

од Stefanija Kuzmanovska
209 прегледи

Франција го зајакнува источното крило на НАТО со испраќање тешка воена опрема на Балканот, а по пешадијата и најсовремените системи за противвоздушна одбрана Мамба, официјален Париз испрати тенкови Леклер во Романија, по што ќе следи испраќање на ескадрила борбени авиони Рафал.

Според порталот „Балканска безбедносна мрежа“, француските тенкови Леклер, кои се сметаат за гордост на француската воена индустрија и еден од најскапите тенкови од западно производство, за првпат се појавија на неодамнешната вежба на борбената група на НАТО во Романија.

Заедно со другите возила, артилерија и пешадија на САД, Романија, Полска, Португалија и Франција како водечки нации во групата, вежбаа заедничко дејствување со употреба на боева муниција.

Само неколку недели пред тоа, министрите за одбрана на Романија и Франција објавија дека, како дел од воздушната полиција на НАТО, Париз ќе испрати ескадрила борбени авиони Рафал во таа земја.

„Испораката на Леклер и идното распоредување на Рафал е дел од напорите за зајакнување на источното крило на Алијансата, кое Франција го презеде по руската инвазија на Украина. Ангажманот на Париз во Романија се нарекува мисија ‘Орел’ и беше лансиран на 28 февруари. Мисијата во Романија ја сочинуваат околу 750 војници, односно француско-холандската тактичка формација што ја предводи борбената група НАТО, одредот за воздушна одбрана со системот Мамба, инженерството и елементот за национална поддршка“, се наведува.

Системот за противвоздушна одбрана, наречен „Мамба“ во Франција, има задача да ја заштити критичната инфраструктура и силите на копно, море и во воздух, и беше испратен во Романија со различни сензори, вклучувајќи го и радарот за надзор GM-200.

Производителот тврди дека „Мамба“ е ефикасен против сите закани од воздушниот простор, вклучувајќи беспилотни летала, крстаречки и балистички ракети.

„Системот го опслужува персонал од околу 100 луѓе и е поврзан со националниот систем за противвоздушна одбрана на Романија. Тој е составен дел од интегрираниот систем за воздушна и ракетна одбрана на НАТО. Покрај Мамба, романското небо е заштитено и со системите Патриот што земјата ги набави од САД пред две години и американскиот противракетен систем Егис Ашор со ракети СМ-3 во базата Девеселу“, се наведува во текстот.

Слични содржини