Франција ги осуди визните ограничувања на САД за Бретон и уште четири лица

„Овие мерки претставуваат заплашување и принуда против европскиот дигитален суверенитет“, сподели Макрон во објава на социјалната мрежа X

од Vladimir Zorba
10 прегледи Фото: Јутјуб/Принтскрин

Францускиот претседател Емануел Макрон денес изјави дека Франција ги осудува визните ограничувања што ги воведоа САД врз Тиери Бретон и уште четири европски личности.

„Овие мерки претставуваат заплашување и принуда против европскиот дигитален суверенитет“, сподели Макрон во објава на социјалната мрежа X.

Како што наведе, дигиталните регулативи на Европската Унија беа усвоени преку демократски и суверен процес од страна на Европскиот парламент и Советот.

„Тие се спроведуваат во Европа за да се гарантира фер конкуренција меѓу платформите, без да се таргетира која било трета земја, и да се спроведат онлајн правилата што веќе важат офлајн“, рече францускиот претседател.

ЕУ ја осуди забраната за визи на САД за европските граѓани

Европската комисија остро ја осуди одлуката на САД да воведе забрана за визи за пет европски граѓани, вклучувајќи го и поранешниот комесар на ЕУ Тиери Бретон, соопшти денес ЕК.

Како што е наведено, ЕУ побара и појаснувања од американските власти, објави Ројтерс.

„Доколку е потребно, ќе дејствуваме брзо и решително за да ја одбраниме нашата регулаторна автономија од неоправдани мерки“, соопшти Европската комисија.

Американскиот Стејт департмент претходно соопшти дека САД одбиваат визи за пет лица, вклучувајќи го и поранешниот комесар на Европската унија, поради, како што рече, обиди да се принудат американските социјални медиуми да ги ограничат ставовите на кои се спротивставуваат, соопшти Стејт департментот.