Франција се надева дека идната македонска Влада и Собрание ќе продолжат активно да ја спроведуваат европската агенда

од Nikola Popovski
178 прегледи

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Талат Џафери, денеска се сретна со амбасадорот на Француската Република во Скопје, Н.Е. Сирил Бомгартнер.

На средбата беа констатирани три децении одлични билатерални односи и пријателството меѓу нашите две земји, карактеризирани со високо развиен, конструктивен и партнерски политички дијалог. Воедно, беше изразен и интересот во следниот период да се стави поголем акцент на економската и трговската соработка.

Премиерот Џафери го поздрави севкупниот и засилен француски ангажман во регионот на Западен Балкан, олицетворен преку низа иницијативи и конкретни чекори во изминатиот период насочени кон зајакната стратешка, политичка, економска и општествена соработка. Во таа насока, се заблагодари за поддршката на Франција во процесот на проширување на Европската Унија со целиот регион, и Северна Македонија посебно, и ја нагласи посветеноста на Владата која ја предводи да ја продолжи започнатата динамика на патот кон ЕУ.

Честитајќи го именувањето за Премиер, амбасадорот Бомгартнер ја поздрави досегашната одлична соработка со Џафери во чиј мандат како Претседател на Собранието беше направен голем исчекор во развојот на билатералната парламентарна соработка. Амбасадорот изрази подготвеност за натамошна сестрана соработка со Владата во насока на натамошно јакнење на односите меѓу двете земји, кои се засновани на долга историја на пријателство.

Бомгартнер ја нагласи силната посветеност на Франција кон европската перспектива на Северна Македонија и истакна дека Франција ќе продолжи активно да манифестира конструктивност и поддршка на тој пат, при што се осврна и на важноста на претстојните парламентарни избори во Северна Македонија, изразувајќи надеж дека идната Влада и Собрание ќе продолжат активно да ја спроведуваат европската агенда.

Премиерот го честиташе 20 март – Денот на Франкофонијата и нагласи дека Северна Македонија останува активно посветена на Меѓународната Организација на Франкофонијата и ќе продолжи со активностите за афирмација на францускиот јазик во државата.

Слични содржини