Француските работници, незадоволни од најавената реформа со која се воведува покачување на старосната граница за пензионирање, денеска го прекинаа јавниот превоз и работата на државните служби во речиси 50 градови низ земјата.
Реформскиот план на претседателот Емануел Макрон предвидува подолг работен век на вработените и зголемување на старосната граница за пензионирање на 64 години, два повеќе од претходно, пренесува Ројтерс.
Железничкиот сообраќај низ Франција се одвивал непречено само на три супербрзи железнички линии и неколку локални и регионални линии, а услугите во париското метро, според локалните медиуми, тешко ја извршувале својата работа.
Охрабрени од успехот на почетокот на овој месец кога повеќе од милион луѓе излегоа на улиците, синдикатите повикаа на масовни протести.
„Нема да работиме до 64 години“, рече Изабел Тексие, возачка на автобус на протестот во Сен-Назер на брегот на Атлантикот, каде се собраа околу 15.000 луѓе.
Во Тулуз, речиси 80.000 демонстранти шетаа со Седрик Кобер, генерален секретар на синдикатот CGT и синдикалните организации CFDT, CGT, FO, SNj, Jug и Unsa кои ги претставуваат јавните служби „за да им овозможат на вработените да учествуваат во мобилизацијата на трудот и да се приклучат на демонстрациите “, објави парискиот Монд.
Жан-Лук Меланшон, лидерот на левичарското движење Неосвоена Франција, го избра Марсеј за да протестира против пензиската реформа, пренесува Танјуг.
„Денес е многу посебен ден. Не се случува толку масовна мобилизација и одговор на работниците на повикот на синдикатот. Денеска влегуваме во нова фаза“, рече Меланшон.
Фото: REUTERS/Stephane Mahe