Француска министерка ќе се појави на насловната страница на Плејбој (ФОТО)

од Stefanija Kuzmanovska
231 прегледи

Француската министерка во владата на Емануел Макрон, Марлен Скиапа, ќе се појави на насловната страница на магазинот „Плејбој“. Таа ќе се појави целосно облечена во интервју кое ќе опфати дури 12 страници од француското издание на популарниот магазин.

Во априлското издание на магазинот тaa зборува за правата на жените и LGBTQ луѓето.

Нејзината одлука да се појави на насловната страница беше критикувана од некои колеги политичари, кои во моментов се соочуваат со немири во јавноста поради пензиските реформи на Макрон.

Предлогот за зголемување на старосната граница за пензионирање од 62 на 64 години предизвика масовни штрајкови и насилни протести какви што Франција не видела со години.

Пратеничката на Зелените, Сандрин Русо, за BFM TV изјави: „Каде е почитта за францускиот народ? за луѓето кои ќе треба да работат уште две години повеќе, кои демонстрираат, кои нема да бидат платени деновиве, кои не можат да јадат поради инфлацијата. Немам проблем со тоа да бидат изложени женските тела било каде, но постои социјален контекст“.

Француската премиерка Елизабет Борн наводно ѝ се јавила на колешката Скиапа за да ѝ каже дека „позирањето за насловната страница на Плејбој воопшто не е соодветно – особено во сегашните околности“. Сепак, Скиапа, која е и мајка на две деца, ја бранеше својата одлука на Твитер.

„Ги бранам правата на жените да прават што сакаат со своето тело: секаде и секогаш. Во Франција жените се слободни. Без разлика дали тоа им пречи на уназадените и лицемерите или не“, наведе таа.

Францускиот уредник на „Плејбој“, Жан-Кристоф Флорентин, рече дека Скиапа е „најкомпатибилна за Плејбој“ од нејзините колешки поради нејзините феминистички ставови. Изданието на магазинот со Скиапа на насловната ќе биде достапно во продажба од 8 април, пишува весникот Le Parisien.

Скиапа беше авторка и блогерка која се занимаваше со женски прашања, пред Макрон да ја назначи за министерка во 2017 година. Додека беше министерка за еднаквости, таа воведе закон со кој прозивките и уличното вознемирување се незаконски.

Слични содржини