Погребот на папата Франциск ќе се одржи во сабота, а на него ќе присуствуваат лидери од целиот свет, вклучувајќи ги претседателите на САД и Украина, Доналд Трамп и Володимир Зеленски. Имајќи предвид дека Трамп во последните говори остро го критикуваше Зеленски и ја обвини Украина за започнување на војната, иако тоа беше резултат на агресијата на Русија, многумина стравуваа дека може да се појави непријатна ситуација ако овие двајца лидери седнат еден до друг.
Сепак, таква ситуација ќе се избегне со фактот дека редоследот на седење се базира на имињата на земјите на француски јазик. Затоа, лидерот на САД (États-Unis на француски) ќе седи меѓу лидерите на Есватини и Етиопија, и блиску до францускиот претседател Емануел Макрон. Доколку беа употребени италијанските имиња на земјите, можеше да дојде до потенцијална расправија меѓу овие два лидери, и тоа на погребот на поранешниот водач на Католичката црква.
Сепак, постојат некои исклучоци од правилото за азбучен ред. Претставниците на Италија и Аргентина, родната земја на папата Франциск, ќе седнат во првиот ред. По нив, следуваат членови на католички кралски семејства, Големиот мајстор на Малтешкиот ред, некатолички кралски семејства и претставници на владите на други земји.
Прво ќе седат оние што ги претставува шефот на државата, потоа оние што ги претставува шефот на владата, па земјите што испраќаат само министри и на крај амбасадорите. Цивилните власти ќе бидат сместени од десната страна на парохијата на базиликата „Свети Петар“, додека кардиналите ќе бидат наредени на влезот.
Принцот Вилијам од Велс ќе ја претставува Велика Британија, како што е традиција, заедно со премиерот Кир Стармер. Ќе присуствуваат и кралските семејства на Белгија, Шведска, Норвешка и Монако. Шпанското кралско семејство, кралот Фелипе и кралицата Летиција, ќе бидат придружувани од тројца министри, но нивниот премиер Педро Санчез нема да биде присутен.
Холандскиот кралски пар, Вилем-Александар и Максима, нема да присуствуваaт на погребот бидејќи датумот се совпаѓа со Денот на кралот, и покрај фактот дека Максима е Аргентинка и католик, што ја издвојува од протестантското мнозинство нејзини сонародници. Најзначајни отсуства ќе бидат рускиот претседател Владимир Путин и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, бидејќи за двајцата се распишани меѓународни потерници за воени злосторства.
Некои италијански медиуми тврдеа дека Путин можеби нема да биде уапсен доколку дојде во Италија, но министерот за правда Карло Нордио изјави дека тоа не е возможно, бидејќи ќе биде активирана потерница доколку рускиот лидер пристигне во Италија или ако се појават информации за неговото претстојно пристигнување. Русија наместо тоа ќе ја претставува министерката за култура Олга Љубимова, додека Израел ќе го испрати својот амбасадор во Светата столица, Јарон Сидеман.