Француско чудо: Никогаш не играле во Европа, а сега се на врвот во Лигата на шампионите

од Nikola Popovski
16 прегледи

Фудбалерите на Брест ја забележаа втората победа во Лигата на шампионите откако на гости го декласираа Салцбург со 4:0. Брест се натпреварува во Европа за прв пат во својата 121-годишна историја, откако минатата сезона заврши на незаборавното трето место во француското првенство.

Во првиот настап го победија Штурм со 2:1, а вечерва како гости победи уште еден австриски претставник РБ Салцбург со 4:0.

По изедначеното отворање, Салцбург ја контролираше играта, но Брест поведе по одличниот контранапад кој Абдалах Сима го претвори во гол во 24. минута.

Австријците имаа неколку шанси за израмнување до крајот на полувремето, но не успеаја да ги искористат.

Салцбург можеше да израмни во 56. минута, но Адам Дагим беше непрецизен. Казната дојде во 66. минута кога Махди Камара погоди за 2:0. Сима со својот втор гол во 70. минута круниса одлично издание, а четвртиот гол за гостите го постигна Матијас Переира Лаге во 75. минута.

Во 3. коло, Брест на 23 октомври ќе го пречека Баер Леверкузен, додека РБ Салцбург, кој има два порази по две кола, истиот ден ќе ги одмери силите со Динамо Загреб.

Во вториот натпревар Штутгарт и Спарта Прага одиграа 1:1. Тоа е прв бод за германскиот тим, додека Спарта по два натпревари има четири бода.

Штутгарт поведе во седмата минута со голот на Енцо Мило. Гостите беа на чекор до израмнување во 14. минута, но Мартин Витик ја погоди стативата. Сепак, во 32. минута Каан Каиринен израмни.

Седум минути подоцна можеше да биде 2:1 за Спарта, но Вељко Бирманчевиќ ја погоди гредата. Бирманчевиќ опасно се закани во 54. минута, но Александар Нубел одбрани.

Штутгарт можеше да поведе во 65. минута, но ударот на Мило во последен момент беше изблокиран од еден од гостинските играчи.

Во 3.коло Штутгарт патува во Торино да се соочи со Јувентус, а Спарта ќе игра со Манчестер Сити.

Слични содржини