Француската агенција „Франс Прес“ објави дека српскиот парламент денес одобрил заем од 1,9 милијарди евра од разни француски банки за финансирање на купувањето на 12 борбени авиони „Рафал“ што Белград ги нарача во август минатата година.
На 29 август 2024 година, Србија потпиша договор за купување на 12 „Рафал“ (девет едноседи и три двоседи) за 2,7 милијарди евра. Овие авиони „Дасо“ треба да ја заменат застарената флота на руските „МиГ“ авиони на српската армија до 2029 година, потсетува агенцијата.
Според деталите од текстот на законот, авионите чинеле вкупно 2,74 милијарди евра, од кои 823,5 милиони веќе се исплатени како аванс, објавува Франс Прес.
Србија ќе го позајми остатокот од група француски банки и кредитни институции, пишува агенцијата, наведувајќи ги банките и институциите за кои станува збор – Bred Banque Populare 163,3 милиони евра, Credit Agricole Corporate and Investment Bank 345,87 милиони, Credit Industriel et Commercial 345,87 милиони, Credit Lyonnais 163,3 милиони, Societe Generale 422,73 милиони и Natixis 480,37 милиони.
Агенцијата го цитира српскиот министер за финансии Синиша Мали, кој изјавил дека целта на земјата е да ја модернизира својата авијација и војска со оваа набавка, како дел од пошироките напори за модернизација и најголемата инвестиција некогаш направена во српските вооружени сили.
Мали изјавил дека Србија веќе ги платила првите две рати, од државниот буџет, и дека овој заем ќе ги покрие преостанатите обврски кон француската страна.
Тој изјавил дека очекуваат да ги добијат првите авиони на почетокот на 2028 година, а оттогаш, секој месец ќе пристигнува по еден авион додека не се заврши испораката.