Франс прес за протестите во Македонија и Србија: Слоганот „корупцијата убива“ одекнува низ Балканот, младите се креваат

од Nikola Popovski
42 прегледи

„Од улиците на Белград во Србија до Скопје во Македонија, слоганот „корупцијата убива“ одекнува низ Балканот, скандиран од студенти огорчени од смртта на десетици луѓе во несреќи за кои се верува дека се предизвикани од корумпирани системи“, пишува денеска агенцијата Франс прес во текстот со наслов „Младите се креваат на Балканот“.

Според агенцијата, првите демонстрации во Србија избувнаа во ноември, по уривањето на настрешница на новообновената железничка станица во вториот по големина град во земјата, Нови Сад, при што загинаа 16 лица. Агенцијата посочува дека низ Србија на транспаренти, беџови и ѕидови се појавила црвена рака од крв, што стана симбол на протестот што ја тресе земјата, најголем од 1990-тите, а чие водство набрзо го презеле студентите.

Во март, пишува француската агенција, „црвената рака“ се појави и во Македонија по ужасниот пожар во дискотеката во Кочани, во кој загинаа 59 лица. Агенцијата посочува дека дискотеката работела со незаконски добиена дозвола, дека биле користени нелиценцирани пиротехнички средства што го запалиле таванот на преполниот објект и дека на концертот на популарна хип-хоп група имало најмалку 600 луѓе, додека на клубот му било дозволено да прими само 250.

Како што објави агенцијата Франс прес, илјадници луѓе синоќа демонстрирале во главниот град Скопје, држејќи транспаренти на кои пишуваше „корупцијата убива“, додека демонстрантите извикуваа „убијци“ и бараа целосна промена.

Како и во Србија и во Македонија, секој протест беше одбележан со неколкуминутно молчење во чест на жртвите, наведува француската агенција.

Франс прес потсетува дека Србија е рангирана на 105-то место од 180 земји според индексот на перцепција на корупцијата на невладината организација „Транспаренси интернешнал“, додавајќи дека Македонија е на 88-то место на листата.

Слични содржини